Вчера, како што информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), осомничениот В.Г. (69) ги убил својот две години повозрасен брат Л.Г. (71) и неговата сопруга Т.Г. (62). Несогласувањата, според информациите на Обвинителството, кулминирале по банална расправија во врска со работи на заедничката куќа
Мотивот за вчерашното двојно убиство во Гевгелија, за кое е осомничен шеесет и деветгодишен жител на градот, се нарушени семејни односи, велат првичните информации на надлежното јавно обвинителство, соопштија денеска оттаму.

Вчера, како што информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), осомничениот В.Г. ги убил својот две години повозрасен брат Л.Г. (71) и неговата сопруга Т.Г. (62).
Тој во 18:50 часот пред влез од куќа во Гевгелија со пиштол пукал кон брата си и снаата, кои од повредите починале на самото место.
Десетина минути подоцна екипи на гевгелиската полиција пристигнале на местото, го уапсиле осомничениот и го одзеле оружјето со кое го извршил убиството.
Од Јавното обвинителство утрово соопштија дека надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија извршил увид на местото и според првичните информации мотивот за двојното убиство биле нарушените односи меѓу двајцата браќа.
Несогласувањата, според информациите на Обвинителството, кулминирале вчера по банална расправија во врска со работи на заедничката куќа.
Од Јавното обвинителството додаваат дека во текот на денешниот ден се очекува кривичната пријава против осомничениот, кога ќе има и повеќе детали за правната квалификација на делото и натамошната постапка.