Општа е констатацијата дека во КПУ „Идризово“, во таканареченото затворено одделение, во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Европските затворски правила, туку напротив, тука условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица, вели народниот правобранител Насер Зибери
Од податоците содржани во дневните и вечерни билтени, тимот на Народниот правобранител констатирал дека во установата секојдневно, некогаш и повеќепати дневно, се повикува екипа на Итната медицинска помош, а речиси секојдневно се прават и спроводи до државната клиника, што укажува на фактот дека медицинскиот персонал кој е редовно присутен во установата е недоволен

Прекубројноста на осудените лица и несоодветните материјални услови во кои се сместени, како и пружањето навремена здравствена заштита на осудените и притворените лица се проблемите за кои со години наназад не е изнајдено решение и сѐ уште се присутни во Казнено-поправните установи, утврдил Народниот правобранител.
Народниот правобранител Насер Зибери, на денешната презентација на Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ), во рамките на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура – 26 јуни, рече дека ваквите услови создаваат висок ризик од меѓузатвореничко насилство.
Зибери вели дека е општа констатацијата дека во најголемиот затвор во државата КПУ „Идризово“, во таканареченото затворено одделение, во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Европските затворски правила според кои како минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се налагаат четири квадратни метри индивидуален простор во заедничко домување, или шест квадратни метри во самостојно домување, напротив, тука, како што рече, условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица.
„Ова го поткрепувам со затекната состојба од двете последователни посети во 3., 4. и 7. крило, како и во т.н. Амбуланта, сите дел од затвореното одделение. Имено, на денот на посетата во т.н. трето крило беа сместени вкупно 72 осудени лица. При увидот беше утврдено дека во една од просториите којашто е со површина од 14,28 квадратни метри беа сместени 15 осудени лица, од коишто шест осудени лица спиеја на душеци на подот, а останатите на кревети на четири ката. Во друга просторија чија површина е 21,5 квадратни метри беа сместени 11 осудени лица, додека во трета просторија во истото крило, во просторија од 19,4 квадратни метри беа сместени 10 осудени лица“,
рече Зибери, дополнувајќи дека иако по нивната втора посета дел од затечените лица кои спиеле на подот во крило четири се префрлени во Амбуланта, сепак, и понатаму останува констатацијата дека состојбата е далеку од добра.
Осудени лица спијат на душеци на под во ходник
Сериозно загрижувачка состојба, како што рече, била затекната и во четвртото крило, каде што на денот на посетата Народниот правобранител утврдил дека биле сместени вкупно 124 осудени лица, од кои 36 лица спиеле на душеци на подот во самиот ходник од крилото и користеле заеднички тоалет, а во просториите каде што биле сместени другите осудени лица не било ништо подобро, имајќи предвид дека во една од просториите со 19 квадратни метри биле сместени 13 лица.
„Во т.н. седмо крило беа сместени 67 осудени лица, од кои малкумина спиеја на душеци на под, но проблемот со пренатрупаноста и тука беше присутен, па така во просторија од 17 квадратни метри беа сместени 14 лица, а во друга просторија со иста квадратура осум лица“,
рече Зибери.
Во моментот на посетата во т.н. Амбуланта, како што појасни, биле сместени вкупно 96 осудени лица, или заедно со т.н. старечко одделение, вкупно 114 осудени лица.
„Во тој период левиот дел на приземјето беше затворен и во тек беа активности за реновирање. Во останатиот дел од зградата беше констатирано дека осудените лица се сместени во простории во коишто нема доволно кревети за секого. Во една од просториите со 15 квадратни метри беа сместени 13 осудени лица, а од осудениците сместени тука се добија информации дека спијат по двајца истовремено во еден кревет или на смени и на земја. Осудените лица се пожалија на нефункционалност на бањите, поради што мора да се тушираат во т.н. старечко одделение, кое што е физички издвоено и каде често нема ни топла вода“,
рече тој.

Медицинскиот персонал е недоволен и не може навремено да одговори на здравствените потреби на осудените лица
Од податоците содржани во дневните и вечерни билтени, тимот на Народниот правобранител констатирал дека во установата секојдневно, некогаш и повеќепати дневно, се повикува екипа на Итната медицинска помош, а речиси секојдневно се прават и спроводи до државната клиника.
„Ваквата состојба укажува на фактот дека медицинскиот персонал кој е редовно присутен во установата е недоволен и не е во можност целосно и навремено да одговори на здравствените потреби на осудените лица“,
додаде Зибери.
Тој спомена дека лицата лишени од слобода во КПД „Идризово“, исто така, се жалат и на корупција. Па така, како што рече, и во овој годишен извештај е сѐ уште актуелен проблемот дека за добивање на одредена погодност сè уште се користи начин што подразбира плаќање одредени погодности.
Во 2022 година тимот на Народниот правобранител го посетил и затворот во Битола, каде што, исто така, констатирале недоволна екипираност со кадар, па за да се покрие недостатокот на кадар, се ангажираат лица со договор на дело, кај некои и во времетраење подолго од една година.
По утврдувањето на ваквите состојби, тимот на Народниот правобранител упатува на потребата од развивање на системски пристап во справување со прекубројноста во казнено-поправните установи, преку воспоставување постојан дијалог, заедничко разбирање и дејствување на надлежните власти, раководителите на управата за извршување на санкции и казнено-поправните установи, законодавците, судиите, обвинителите и сите други активни чинители, посочи Зибери.
Позитивен исчекор – континуираното зголемување на пробациските предмети
Како позитивен исчекор го издвои континуираното зголемување на пробациските предмети, но нагласи дека мора да се направат дополнителни напори за целосно искористување на можностите што ги нуди националната регулатива со цел намалување на бројот на осуденичката популација.
Во текот на 2022 година, како што рече Зибери, тимот на Народниот правобранител спровел вкупно 19 ненајавени посети. Девет од овие посети, како што рече, биле во полициски станици од општа надлежност на подрачјето на Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово, три посети во казнено-поправни и воспитно-поправни установи, една посета во домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје, две посети на психијатриските болници „Скопје“ и „Демир Хисар“, како и четири посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил.
Минатата година, како што информира Зибери, во фокусот на постапувањето на Народниот правобранител биле психијатриските болници, поточно нивните форензички одделенија, при што биле посетени две психијатриски установи, односно судските одделенија во психијатриските болници „Скопје“ и „Демир Хисар“ во кои, исто така, биле констатирани лоши услови.
Покрај ова, Народниот правобранител се осврна и на состојбите со Воспитно-поправниот дом – Тетово, полициските станици, местата каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил и Геронтолошкиот дом „13 Ноември“.