„Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата“, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на свеченоста за одбележување на 30 години монетарна самостојност
По примерот на Европската централна банка, Народната банка започна и со првични активности за разгледување на можноста и потребата од воведување дигитален денар, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на свеченоста за одбележување на 30 години монетарна самостојност.
„Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата“,
рече гувернерката.
Таа во своето обраќање посочи дека изминатите години Народната банка има постигнато значајни резултати и додаде оти на почетокот на 2019 година, како осумнаесетта земја во светот, беше достигнат највисокиот меѓународен статистички стандард на ММФ.
Минатата година, пак, додаде таа, Европската комисија донесе одлука дека банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува Народната банка е еквивалентна на европската и со тоа банката е вклучена на листата од само 26 земји во светот коишто ги исполнуваат овие стандарди.
Во поглед на транспарентноста, како што посочи гувернерката, Народната банка е втора централна банка во светот, за којашто ММФ направи оцена според најновиот Кодекс и нè радува што констатираше висок степен на транспарентност.
„Секој историски значаен јубилеј, во извесна мера нè поставува на крстопат, при што осврнувајќи се на веќе оствареното, треба да донесеме одлука или да потврдиме по кој пат продолжуваме понатаму. Затоа, морам да истакнам дека независно од тоа како ќе се одвива евроинтегративниот процес на земјата, европските стандарди ќе продолжат да бидат наша водилка кон европското семејство на централни банки. А тогаш кога ќе се заокружи европско поглавје од нашата приказна и денарот ќе остане наш историски симбол на стабилност, верувам дека уште еднаш ќе се потврди дека како централна банка сме чекореле по вистинскиот пат“,
истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во своето обраќање гувернерката на Народната банка посочи оти стабилноста на денарот е загарантирана и е клучна за општата стабилност во економијата во земјата.
