Владата, како што соопштија оттаму, му укажала на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето
Попладнево од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ излегоа со соопштение во кое велат дека нивните вработени испорачуваат основни услуги за градот, но како претпријатие се постојано саботирани од, како што наведуваат, луѓе од власта. Од јавното претпријатие велат дека загрижени бидејќи, како што тврдат, во тек биле напори за организирање и спроведување протести поради петдневното доцнење на платите на вработените
Проблемот со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје бил тема на денешната седница на Владата.

Како што информираа оттаму, Владата ги задолжила надлежните инспекторати заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) да почнат координиран вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат состојбата со комуналниот отпад, а во насока на преземање соодветни мерки и активности.
Вонредниот инспекциски надзор заедно со МВР треба да го извршат Државниот комунален инспекторат (ДКИ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)
Владата, како што се наведува во соопштението, исто така, му укажува на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
„Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата“,
се наведува во соопштението од „Илинденска“ број 2.
Во меѓувреме се огласија и од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде за проблемот со сметот во главниот град велат дека Основното јавно обвинителство Скопје веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело.
Оттаму велат дека јавен обвинител издал наредби до Министерството за внатрешни работи и до другите надлежни органи итно да постапат и да извршат проверки за работењето на ЈП „Комунална хигиена“
„Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.

Претходно денеска, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, побара од Владата да прогласи вонредна состојба поради состојбата со сметот во главниот град.
Како што информира Герасимовски, јавното комунално претпријатие изминатите пет дена воопшто не се појавило на улиците во Центар за да го собере ѓубрето, поради што, како што кажа, состојбата е алармантна.
„Ова ги надминува сите граници. Се соочуваме со огромни проблеми, а набрзо, не дај боже, и зарази. Нашите хигиеничари се во две смени, имаме дополнителна механизација која и во утринските и во вечерните часови е на терен и правиме сè за да го расчистиме сметот и она што не го прави ‘Комунална хигиена’ веќе подолг период, но овие пет дена е навистина алармантно“,
изјави денеска претпладне Герасимовски.
Тој испратил и допис до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), во кое повикува да се свика итна седница за да се најде решение за проблемот.
„Апелирам до Владата и ЗЕЛС да ни помогнат во овој дел да се справиме заедно со сметот со кој се соочуваме во Општина Центар“,
додаде Герасимовски.
Попладнево од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ излегоа со соопштение во кое велат дека нивните вработени испорачуваат основни услуги за градот, но како претпријатие се постојано саботирани од, како што наведуваат, луѓе од власта.
Од јавното претпријатие велат дека се загрижени бидејќи, како што тврдат, во тек биле напори за организирање и спроведување протести поради доцнењето на платите на вработените.
Платите на вработените, како што може да се разбере од соопштението доцнат пет дена, што соодветствува со бројот на денови за кои дел од скопските градоначалници велат дека Јавното претпријатие не го собира сметот согласно своите надлежности.

Од скопски „Комуналец“, пак, велат дека платите на вработените ги исплаќаат навреме со неколкудневно задоцнување, а како причина за тоа го наведуваат долгот што, според нив, кон претпријатието го има Министерството за здравство, кој изнесува пет милиони евра.
Поради овој финансиски проблем, кој, како што велат од КХС, е децениски, претпријатието во последните 30 години работи со долгови.
„Овој неплатен долг директно влијае на ликвидноста на КХС; доколку Министерството за здравство го исплати долгот во целост, КХС ќе може да гарантира дека платите никогаш нема да доцнат, дури ни еден ден.
Апелираме до Министерството за здравство веднаш да го исплати долгот од 5 милиони евра, за да не може никаков надворешен притисок или политичка акција да ја загрози егзистенцијата на нашите вработени“,
велат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.