Во соопштението на ЕХФ нема дополнително објаснување за какви безбедносни причини станува збор. Единствено се додава дека „дополнителни информации за понатамошните процедури ќе бидат соопштени во догледно време”
Европската ракоментна федерација (ЕХФ) се огласи откако вечерва не се одигра реваншот меѓу Алкалоид и АЕК од финалето во ЕХФ Европскиот куп бидејќи грчкиот тим одлучи да не истрча на теренот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Финалето на Европскиот куп на ЕХФ во Скопје меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина РК е откажано поради безбедносни причини“,
пишува во соопштението од ЕХФ.
Во соопштението на ЕХФ нема дополнително објаснување за какви безбедносни причини станува збор. Единствено се додава дека „дополнителни информации за понатамошните процедури ќе бидат соопштени во догледно време”.
На официјалното претставување пред мечот, играчите на грчкиот тим беа до теренот, но не истрчаа. Наводно, поради неприсуство на навивачи на АЕК во салата. Според наводите, на македонско-грчката граница биле пуштени само 200 навивачи, за колку што имало билети, а исто толку биле вратени назад.
Спортскиот портал „Еноси“, кој е специјализиран за вести поврзани со екипите на АЕК во сите спортови, пред натпреварот објави дека неколку автобуси со навивачи на АЕК се задржани на граничниот премин и дека не им е дозволен влез. Во објавата се додава дека раководството на АЕК, на состанок со ЕХФ, јасно ставило до знаење дека тимот нема да излезе на терен ако на навивачите не им биде дозволено да ја преминат границата.
Ракометниот клуб Алкалоид на својот фејсбук-профил и се заблагодари на публиката за поддршката во салата „Борис Трајковски“.
„Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка“,
валат од клубот.
Оттаму посочија дека не по нивна вина, не се одржа финалниот натпревар со РК АЕК од Атина, бидејќи, како што велат, противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот.
„Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила“,
пишува во објавата од РК Алкалоид.
На првиот меч минатата недела во Атина, Алкалоид победи со 29:25.