Владата денеска оцени дека „Фридом Хаус“ во извештајот „Земји во транзиција 2020“, нотирал напредок во оценката за нашата земја во однос на демократските процеси и им оддава признание на сите граѓани, организации, заедници, медиуми и институции кои со своите демократски капацитети и дејствија го овозможуваат демократскиот напредок на земјата и ги охрабрува за уште посилен ангажман во иднина.
„Во извештајот за 2020 година се нотира подобрување во изборниот процес поради добро организираните претседателски избори и подобрување во независноста на медиумите како резултат на пообјективното и поверодостојно известување. Како позитивен пример за решавање на навидум несовладлив проблем е наведено решавањето на спорот помеѓу Грција и Северна Македонија (со медијација предводена од САД), кое на земјата ѝ го овозможи членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ“,
се вели во владиното соопштение.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека извештајот потврдил дека во земјава три години има хибриден режим на СДСМ.
„Според оценките на ‘Фридом хаус’, Македонија воопшто не исчекорила од хибриден полудемократски режим, и е во групата на држави како Украина, Молдавија, Грузија, Босна и Херцеговина. Нема поместувања ниту во организирање на избори за кои се нотирани нерегуларности, ниту има подобрување во слободата на медиумите, нема исчекор ниту во организирање на изборен процес, ниту во транспарентноста на власта, ниту во слободата за учество во политичкиот живот, ниту во политичката култура ниту, пак, во нивото на граѓански слободи. Тоа се параметрите што се мерат и одредуваат каква е Македонија под хибридниот режим на СДСМ и Зоран Заев“,
изјави портпаролот Наум Стоилковски.
Тој рече дека според оценката на „Фридом хаус“ и процентните поени Македонија има полош резултат од 2014 година и од 2015 и е на ниво од 2016 година, што според опозицијата значи дека режимот спроведуван од СДСМ и Зоран Заев, воопшто нема демократско поместување.
„Имајќи ги предвид нивото на корупција со секој нов тендер, нивото на судството во пупка, нивото на молчаливото обвинителство каде поднесените предмети од ВМРО-ДПМНЕ стојат во фиоки, збунетите антикорупционери кои уште разгледуваат предмети стари по една година, отворениот терор врз медиумите по поделбата на Заев и СДСМ на провладини и противници, селекцијата на новинари кои ќе поставуваат прашања во владата, полициски тормозења и пресуди за новинари кои што откриваат скандали, отворениот поткуп во изборни цели – СДСМ ја турка Македонија на чекор до авторитарен режим“,
рече Стоилковски.
Северна Македонија во изминатата година забележа напредок во политичките права и граѓанските слободи, но и натаму останува во групата делумно слободни земји, констатира американската невладина организација „Фридом хаус“ .
На скалата од 1 (најлошо) до 100 (најдобро) места, земјава се наоѓа на 63-то место, што е за четири позиции подобро во однос на извештајот за 2019 година.
„Фридом хаус“ наведува: „Во Северна Македонија лани се одржани фер и демократски претседателски избори, кои помогнаа да се поправи штетата од недемократското владеење на поранешниот премиер Никола Груевски.“
