„Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка“, објави вечерва Јана Јузова на Твитер
Во официјалните кругови на Европската комисија и во Делегацијата на ЕУ во земјава, како и во домашните медиуми – голема изненаденост, но и збунетост предизвика вчерашниот настап на Јана Јузова, ЕУ-аналитичарка од Чешка. Јузова, поканета како претставник на чешкиот институт „Еуропеум“, да учествува на форумот „Еуропеум 2022 – Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои“, кој го организираше Институт за европска политика (ЕПИ) изјави дека „чешкото МНР е многу вознемирено со Франција и Бугарија, зашто за предлогот не биле консултирани други земји членки, била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина“.

Домашните медиуми (вклучувајќи го и ,,360 степени”) ја пренесоа нејзината изјава, која не само вчера, туку и денеска се „врти“ по националните телевизии и информативни портали. Одредени медиуми ваквиот настап на Јузова го толкуваа како можен сигнал дека во претседателствата со ЕУ, претходното француско и актуелното чешко, постои некоординираност.
Настапот на Јузова, за неусогласеност и неинформираност меѓу земјите членки на ЕУ за толку важно прашање како што во моментот е ситуацијата меѓу Северна Македонија и Бугарија, ги вознемири и европските дипломати во Скопје кои денеска пред група македонски новинари брифираа дека такви изјави не само што не кореспондираат со реалноста, туку и можат да му наштетат на процесот.

По целиот медиумски метеж кој почна од вчера, самата Јана Јузова вечерва реши да се дообјасни.
„Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка“,
напиша Јузова на Твитер.
Нејзината објава на Твитер води кон текст објавен во медиум во земјава насловен како „Чешка и други ЕУ-членки вознемирени од францускиот предлог, само Бугарија била консултирана“.
Јузова, дообјаснувајќи го својот вчерашен настап, вели дека сите незјини коментари се базирале на долгорочната политика на Чешка кон проширувањето и се во согласност со изјавите на Чешка и Словачка дека одбиваат споровите околу историјата и јазикот да станат услов за почеток на пристапни преговори со ЕУ.