На прашањето дали изјавата на Хаќим Рамадани ќе влијае врз владината коалиција со ВЛЕН, Мицкоски рече дека тоа ќе влијае на неговата положба во иднина, односно дека по изборите ќе биде разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент
Премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како голема грешка, пред сè за кандидатите за градоначалници од ВЛЕН, ја оцени изјавата на Хаќим Рамадани, кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница што доаѓа од истата коалиција.
Оваа негова изјава доаѓа откако денеска од Левица обвинија дека кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВЛЕН, Хаќим Рамадани, дава изјави што предизвикуваат етнички тензии и шират национал-шовинизам, а лидерот на владејачката партија, Мицкоски, молчи.

„Јас со жалење го слушнав сето она што противкандидатот на Јовица Илиевски го кажуваше во една егзалтирана состојба. Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка, пред сè за кандидатите од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар досега во поновата историја Македонија не видела. Да влегува и мисли само за себе и својот кусоглед, а притоа да ги занемари сите останати што се борат во вториот круг за градоначалнички мандат, навистина е за жалење“,
рече Мицкоски.
Изминатите денови, како што вели, зборувал и со голем број влијателни претставници на меѓународната заедница бидејќи однесувањето на кандидатот за градоначалник на Брвеница од ВЛЕН стигнало и до нив.
„И тие гледаат со големо жалење и просто со неверување, тоа што го слушаат дека некој во 21 век може да користи таков речник“,
кажа тој.
На прашањето дали изјавата на Хаќим Рамадани ќе влијае врз владината коалиција со ВЛЕН, Мицкоски рече тоа ќе влијае на неговата положба во иднина.
„Откако прво ќе ги изгуби изборите во Брвеница, ќе биде нормално разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент“,
вели лидерот на владејачката партија.
Порача дека неговата лична поддршка и поддршката на Владата ја имаат сите оние што работат на иднината на оваа наша заедничка држава, без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
„Секој оној што зборува за иднината на Македонија е добредојден мој соговорник. Секој што зборува за поделби, посебно етнички поделби, не само што не е добредојден мој соговорник, туку тој не му мисли добро ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на сите други народи, сограѓани во нашата преубава заедничка татковина Македонија“,
рече тој.
На дополнителното новинарско прашање за поддршката со ВЛЕН во вториот круг, лидерот на владејачката партија рече дека таа коалиција испратила соопштение дека не го поддржува кандидатот на ДУИ во Кичево, Фатмир Дехари.
„Фатмир Лимани не повика да се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. ВЛЕН испрати и соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари како кандидат за градоначалник во Кичево“,
рече тој.
Ги повика Албанците во Кичево, но и кичевчани да размислат за човекот што ги уценува нивните внуки и нивните ќерки, дали треба да гласаат за него и дали тој е достоен кандидат за иден градоначалник на Кичево.
„Жалам што здруженијата на мајки и женските здруженија кај Албанките не излегоа со осуда и со згрозување да го коментираат тоа што го слушнаа за овој кандидат што се обидува повторно да биде градоначалник на Кичево“,
вели премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Левица денеска обвинија дека кандидатот на ВЛЕН за Брвеница, Хаќим Рамадани, во јавно обраќање од дијаспората наместо да говори за проекти, со шовинистичка реторика го глорифицира сепаратизмот на Илирида, со што директно промовира национална и етничка омраза против македонскиот народ.
Оттаму додаваат дека Рамадани потврди оти за вториот круг во Брвеница се обединети заедно со Демократската унија за интеграција (ДУИ), што ја демонстрира сервилноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кон помалиот коалициски партнер.
Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ, како кандидат за градоначалник за Брвеница, во првиот круг освои 3 388 гласа, а Хаќим Рамадани од ВЛЕН – 2 021 гласа, со што влегоа во трката за вториот круг.
