Според првичната истрага, 27-годишниот убиец Шејн Девон Тамура имал документирана историја на ментално нарушување

Најмалку четири лица се убиени од страна на 27-годишниот Шејн Девон Тамура во голема деловна зграда во Њујорк, кој потоа се самоубил.
Според првичната истрага, убиецот Тамура, кој имал документирана историја на ментално нарушување, влегов во лобито и пукал сè до 33 кат во зградата пред да се самоубие.
Меѓу загинатите е и полицаец од њујоршката полиција, кој бил во лобито на висококатницата.
Градоначалникот Ерик Адамс овој настан го нарече „бесмислен чин на насилство“ чии околности сè уште се истражуваат.
Видеоснимките од надзорните камери го покажуваат Тамура како излегува од автомобил на Парк авенија во центарот на Менхетен во понеделникот вечерта и оди кон деловната зграда. Вооружен со автоматска пушка, тој влегол во зградата и веднаш отворил оган.
Во неговото возило биле најдени неколку оружја, муниција и лични предмети. Според истрагата, напаѓачот патувал низ САД со автомобил во деновите пред злосторството, а последно минал низ Колорадо, Небраска, Ајова и Њу Џерси, пред да стигне до Њујорк.
Во вискокатницата во центарот на Менхетен се наоѓаат канцеларии на инвестициската фирма „Блекстоун“ и Националната фудбалска лига (НФЛ), меѓу другите.
Зошто сторителот ја избрал токму оваа зграда, засега останува нејасно.