Предупредувањето на Галант дојде само неколку часа по телефонскиот разговор меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Џо Бајден
Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, се закани дека нивниот следен напад врз Иран ќе биде смртоносен, прецизен и изненадувачки, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Галант ваквото предупредување го соопшти во видеопорака за израелските медиуми, емитувана доцна синоќа, откако министерот го одложи планираното патување во Вашингтон и само неколку часа по телефонскиот разговор меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Џо Бајден.
„Кој и да не нападне, ќе биде повреден и ќе плати цена. Нашиот напад ќе биде смртоносен, прецизен и пред сè изненадувачки, тие нема да разберат што се случило и како се случило, ќе ги видат резултатите“,
изјави министерот за одбрана.
גלנט: התגובה שלנו למתקפה האיראנית תהיה קטלנית, מדויקת ובעיקר מפתיעה – הם לא יבינו מה קרה ואיך@Doron_Kadosh
— גלצ (@GLZRadio) October 9, 2024
(צילום: אלעד מלכה) pic.twitter.com/FOJwaCJAXP
Инаку, Бајден и Нетанјаху вчера разговараа телефонски првпат по неколку недели, а една од главните теми, како што соопшти Белата куќа, бил очекуваниот израелски напад врз Иран, како одговор за неодамнешниот ракетен бараж на Техеран врз Израел. Станало збор и за нападите на Израел врз позициите на Хезболах во Либан.
Во соопштението на Белата куќа за разговорот се наведува дека американскиот претседател ја нагласил потребата од штетата по цивилите, особено во густо населените области на Бејрут.
Во него директно не се споменува можна одмазда за иранскиот ракетен напад, но се вели дека Бајден недвосмислено го осудил нападот на Техеран и ветил цврста поддршка за Израел, пренесува „Гардијан“.
„Претседателот ја потврди својата цврста посветеност на безбедноста на Израел. Тој недвосмислено го осуди иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври. За Либан, претседателот ја нагласи потребата од дипломатски аранжман за безбедно враќање и на либанските и на израелските цивили во своите домови од двете страни на сината линија.
Претседателот го потврди правото на Израел да ги заштити своите граѓани од Хезболах, кој само во изминатата година истрела илјадници проектили и ракети кон Израел, истовремено нагласувајќи ја потребата да се минимизира штетата на цивилите, особено во густо населените области на Бејрут.
За Газа, лидерите разговараа за итната потреба од обновување на дипломатијата за ослободување на заложниците што ги држи Хамас. Претседателот, исто така, разговараше за хуманитарната ситуација во Газа и императивот да се врати пристапот на север, вклучително и со итно обновување на коридорот од Јордан“,
се наведува во соопштението на Белата куќа за разговорот меѓу Бајден и Нетанјаху.

Иако очекувана, времето кога ќе се случи и опсегот на израелската одмазда кон Техеран остануваат непознати. Погрешна проценка, како што пишува британскиот весник, би можела да доведе до целосна војна меѓу Израел и Иран, нешто што и двете страни велат дека не го сакаат.
И САД, кои се цврст сојузник на Израел, се претпазливи да не бидат вовлечени во борбите.
Администрацијата на Бајден сака да има увид во плановите на Израел и да избегне изненадувања како што беше ликвидацијата на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, за која, како што објави „Волстрит журнал“, Тел Авив досега одбивал да сподели детали.
Во израелските бомбардирања на територијата на Либан изминативе неколку недели убиени се најмалку 1 200 цивили, а 1,2 милион луѓе се присилно раселени. Низ целата земја илјадници сириски бегалци заедно со жители на Либан последните денови бегаат во Сирија поради израелските воздушни напади.
Администрацијата на Бајден претходно, исто така, побара од Израел да ги минимизира цивилните жртви во Газа, каде што во израелските напади досега се убиени повеќе од 43 000 Палестинци, додека речиси два милиони се раселени.
