Од опозициската партија бараат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството веднаш да постапат и да ја преземат целата одговорност за неделувањето со кое го овозможиле овој напад, да го расчистат случајот до крај и насилниците да бидат изведени пред правдата без одлагање
Реакција за инцидентот стигна и од ВМРО-ДПМНЕ. Осудата за нападот на Арсовска преку кусо соопштение беше пренесена од името на Советничката група на владејачката партија во Град Скопје, според која, секое насилничко однесување, притисоци и закани се неприфатливи и надвор од здравиот разум
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) остро го осуди инцидентот во кој денеска физички беше нападната градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска при увид на дивоградба во скопски Чаир.

Куса реакција со која се осудува секаков вид насилство, притисоци и закани стигна и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
Ставот на опозициската СДСМ на прес-конференција го соопшти портпаролката на партијата Богданка Кузеска, која рече дека овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава актуелната власт.
Како што оценуваат од Социјадемократскиот сојуз, нападот врз официјални лица од Град Скопје е уште еден доказ дека кога се зборува за криминал и кога се откриваат злоупотреби институциите не заштитуваат туку ги оставаат тие што говорат за овие случаи на милост и немилост на насилниците.
„Со недели наназад, јавноста гледаше како во Скопје се откриваат скандали, дивоградби, приклучоци, милионски малверзации, но наместо истрагите да завршат со расчистување на криминалот, завршија со закани. Наместо институциите да ги казнат криминалците, молчеа. Наместо полицијата да ги заштити граѓаните и правото — дозволи ова да се случи“,
рече Кузеска.
Ваквиот напад, како што додаде, е срам за за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за кримнинал и неправда, ќе бидат замолчени со сила.
Од СДСМ бараат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството веднаш да постапат и да ја преземат, како што рече Кузеска, целата одговорност за неделувањето со кое го овозможиле овој напад.
„Да се расчисти до крај, а насилниците да бидат изведени пред правдата без одлагање. СДСМ најостро го осудува овој напад и повторуваме, Владата мора да престане да ги штити криминалците и да почне да ја штити правдата. Државата не смее да биде заложник на мафијата и на оние што со закани и со сила се пресметуваат со секој кој се обидува да открие криминал“,
кажа портпаролката на СДСМ.
Реакција за инцидентот стигна и од ВМРО-ДПМНЕ. Осудата за нападот на Арсовска беше пренесена од името на Советничката група на владејачката партија во Град Скопје, според која, секое насилничко однесување, притисоци и закани се неприфатливи и надвор од здравиот разум.
„Воедно бараме институциите да го расветлат случајот, се до конечно дознавање на вистината и утрдување на фактите на случајот кој ја разбранува јавноста“,
се вели во кусото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска околу пладне беше нападната на улица во скопската општина Чаир додека со нејзини соработници од Градот извршувала работни задачи.
Таа попладнево даде изјава за медиумите пред Градската општа болница „8 Септември“, каде што по нападот беше на укажување на лекарска помош.
Говорејќи видно вознемирена таа кажа дека се почнало со вербални закани од лице, кое потоа и физички ја нападнало.
„Ме нападна физички со тепање, замавнување, со клоци“,
рече Арсовска.
Така кажа дека сето тоа се случувало пред полициски службеници на Министерството за внатрешни работи кои не го привече лицето.
„Наместо да биде веднаш приведен, полицијата му дозволи повеќе од половина час да се јавува по луѓе, по пријатели и да раскажува што ќе ми прави и тоа на цел глас. Што ќе ми прави мене, на моето семејство, на моето дете“,
рече градоначалничката на Скопје.
Градоначалничката појасни дека била нападната од лице за кое претпоставува дека е лично засегнато од објектот, за кој рече дека е дивоградба и за кој биле поднесувани пријави во неколку наврати.
Арсовска додаде дека по физичкиот напад врз неа, полицајците кои биле на местото на инцидентот застанале пред неа за, како што рече, наводно да ја заштитат, поместувајќи го напаѓачот кој потоа нападнал и дел од советниците и секретарот на Град Скопје.
За случајот претходно денеска информираа од МВР, од каде наведоа дека Арсовска лично не сакала да го пријави настанот во полиција и заминала во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување лекарска помош.