Фредериксен рече дека нејзината влада прави сè што е можно за да спречи напад врз Гренланд и ги обвини САД за примена на „неприфатлив притисок“, опишувајќи го како „неразумен напад врз светската заедница“

Нападот на САД врз сојузник на НАТО би значел крај и на воениот сојуз и на „безбедноста по Втората светска војна“, вели данската премиерка Мете Фредериксен откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани дека ќе го преземе Гренланд.
Трамп, по воената операција во Венецуела, рече дека Гренланд му е „многу потребен“ на САД и со тоа ги обнови стравувањата од американска инвазија на претежно автономниот остров, кој е поранешна данска колонија и останува дел од данското кралство.
Фредериксен, во изјава за данската телевизиска мрежа ТВ2, вели дека секој напад на САД врз сојузник на НАТО би бил крај на сè.
„Ако САД одлучат воено да нападнат друга земја од НАТО, тогаш сè ќе престане – тоа го вклучува НАТО, а со тоа и безбедноста по Втората светска војна“,
вели таа.
Коментарите на Фредериксен доаѓаат и откако премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, даде изјава во која го повика Трамп да се откаже од своите „фантазии за анексија“ и ги обвини САД за „целосно и крајно неприфатлива“ реторика, изјавувајќи „Доста е“.
„Заканите, притисокот и разговорите за анексија немаат место меѓу пријатели. Така не се зборува со луѓе кои покажаа одговорност, стабилност и лојалност одново и одново. Доста е. Крај на притисокот. Крај на инсинуациите. Крај на фантазиите за анексија“,
рече Нилсен во објава на социјалните мрежи.
Фредериксен рече дека нејзината влада прави сè што е можно за да спречи напад врз Гренланд и ги обвини САД за примена на „неприфатлив притисок“, опишувајќи го како „неразумен напад врз светската заедница“.
„Не можете да влезете и да преземете дел од територијата на друга земја“,
изјави таа за данскиот радиодифузер ДР.
Реакциите на Фредериксен и на Нилсен доаѓаат и откако сопругата на помошник-шефот на кабинет на Белата куќа, Кејти Милер, објави на социјалните мрежи мапа на Гренланд покриена со американско знаме, а во описот пишува „наскоро“.
