Медиумските работници добија третман на службени лица со измените на членот 382 од Кривичниот законик во 2023 година. Досега обвинителството само еднаш гонело по тој член за напад на медиум
Задоволство од брзата реакција на Обвинителството изразија и од Телевизија Алсат и од ЗНМ. Од телевизијата, сепак, нагласуваат дека имало и насилство при нападот, додека новинарското здружение потсетува дека сè уште има случаи без разрешница
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) е задоволно од брзата реакција на Јавното обвинителство, кое денеска поднесе обвинение против две лица кои нападнаа новинарската екипа на Телевизија Алсат во Визбегово. Настанот се случи минатата среда, додека тим од телевизијата го со снимаше пожарот на отпад за старо железо чиј чад се почувствува низ голем дел од главниот град.
Според обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, двајцата обвинети се товарат за кривичното дело спречување службено лице во вршење службено дејствие – категорија во која, со измените на Кривичниот законик од почетокот на 2023 година, спаѓаат и новинарите. За делото цитирано во обвинението во КЗ е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

Втор случај по кој се постапува како кон напад на службено лице
Случајот со екипата на ТВ Алсат, како што велат од ЗНМ во изјава за „360 степени“, е втор по кој институциите реагираат согласно законските измени на членот 382 од Кривичниот законик. Првиот е случај од 2023 година кога физички и вербално беше нападнат снимателот на ТВ 24, Иван Камчев, а оштетена беше и неговата опрема.
„Тоа е првиот случај каде што се постапува по новите измени во Кривичниот законик, кои беа усвоени во февруари истата година, на кои ЗНМ долго инсистираше и со години активно учествуваше во работните групи во Министерство за правда. Конкретно овие измени се однесуваат на член 123 – убиство, член 139 – присилба, член 144 – загрозување на сигурноста и член 382 – спречување службено лице во вршење службено дејствие“,
велат од ЗНМ во изјава за „360 степени“.
Оттаму ја нагласуваат важноста за итна институционална реакција на Обвинителството и Министерството за внатрешни работи во услови на тешки повреди на правата на медиумските работници, како во случајот со нападот на екипата на ТВ Алсат, оти на тој начин, како што велат, се демотивираат потенцијалните идни напаѓачи.
„ЗНМ веднаш ги искористи контакт-точките во ОЈО и МВР со цел да има итна пријава на случајот и тоа е стандардна практика, во согласност со заедничкиот прирачник за безбедност на новинари. Оваа институционална постапка е позитивен пример што праќа јасна порака дека насилството врз новинари и медиумски работници е недозволиво и казниво“,
додаваат од Здружението.
Здружението на новинари посочува дека досега имало случаи кога институциите покажале подготвеност за соработка при сериозни повреди на новинарските права, што, како што велат, често води до судска разрешница.
Повикувајќи се на својот јавно достапен регистар, од ЗНМ наведуваат дека случајот од минатата недела е еден од ретките со физичко насилство кон медиумски работници, кои се сè поретки во изминатите години, но за сериозен предизвик ги посочуваат заканите во онлајн просторот кон новинари и новинарки.
„Дигиталната безбедност и натаму е сериозен предизвик, особено заканите во онлајн просторот со кои се таргетираат новинар/ки, каде што сè уште има многубројни нерешени случаи. И покрај одреден напредок, останува потребата од дополнителна поефикасна и проактивна реакција на институциите. Загрижува тоа што во последните месеци беа запалени возилата на новинарите Благој Серсемов и Сузана Вренцовска, случаи што сè уште немаат разрешница, што не е добра пракса, затоа што поттикнува неказнивост“,
велат од ЗНМ.
Алсат очекува максимална казна за напаѓачите
Освен со Здружението на новинари на Македонија, „360 степени“ стапи во контакт и со ТВ Алсат откако скопското обвинителство денеска го поднесе обвинението против двете лица кои минатата недела во Визбегово нападнаа новинар и снимател од информативната редакција на националната телевизија.
Заменик-главниот уредник на Алсат M, Адриан Керими, вели дека навремената реакција на Обвинителството и МВР покажува доволно за каков кривично-правен настан станува збор.
„Ние сме задоволни од брзата реакција, но сметаме дека во текот на постапката Обвинителството треба да го има предвид и фактот дека кон снимателот имало насилство. На тоа укажуваат и самите лекарски прегледи кои ќе бидат употребени во постапката. Без да му вршиме притисок на Обвинителството и Судот, ние бараме максимална казна за двајцата обвинети. Впрочем, самото Обвинителство признава дека второобвинетата е причина за првообвинетиот да преземе такви мерки за кои сега се гони кривично“,
вели Керими во изјава за „360 степени“.
Освен обвинението против двајцата напаѓачи, скопското обвинителство информира дека е предложено и продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата.