По укажаната медицинска помош во казино, осомничениот бил пренесен во Клиничката болница во Битола каде што продолжил да дава отпор и одбивал да биде третиран, поради што била повикана полициска асистенција, велат од Обвинителството
Битолското Основно јавно обвинителство отворило постапка против 28-годишен маж кој викендов физички нападнал лекар и двајца полицајци додека му била укажувана помош во казино, а потоа и во Клиничката болница во градот.

Осомничениот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, се гони за напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност според член 304-г од Законот за здравствена заштита, како и за кривичното дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 од Кривичниот законик (КЗ).
Според Обвинителството, инцидентот се случил во неделата на 29 јуни во казино во Битола, каде што осомничениот најпрвин нападнал доктор на итната медицинска помош кој му укажувал лекарска помош.
Тој го удрил докторот со тупаница нанесувајќи му телесна повреда.
Во соопштението не е наведено од кои причини на 28-годишникот му била потребна лекарска помош, но по укажаната медицинска помош во казиното, тој бил пренесен во Клиничката болница во градот каде што продолжил да дава отпор и одбивал да биде третиран, поради што била повикана полициска асистенција.
„Кога пристигнале двајцата полициски службеници, осомничениот 28-годишник и нив ги нападнал, ги удирал повеќепати и им се заканувал“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Оценувајќи дека може да побегне и да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка во Основниот суд Битола доставил предлог на осомничениот 28-годишник да му биде определена мерка притвор.