Во писмо објавено вчера, повеќе од 100 американски експерти по меѓународно право, меѓу кои и професори од „Харвард“, „Јеил“, „Стенфорд“ и Универзитетот во Калифорнија, навеле дека однесувањето на американските сили и изјавите на високи функционери предизвикуваат сериозна загриженост за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право, вклучително и потенцијални воени злосторства
Експерти по меѓународно право од повеќе универзитети во Соединетите Американски Држави (САД) потпишаа отворено писмо во кое се вели дека нападите на САД врз Иран би можеле да се сметаат за воено злосторство, особено откако претседателот Доналд Трамп ги повтори заканите за напади врз иранските електрани и постројки за десалинизација, објави Ројтерс.

Американскиот претседател, кој претходно најави различни временски рамки и цели на војната, во вонредно обраќање до нацијата во средата рече дека војната би можела да ескалира доколку Иран не се согласи со условите на Вашингтон за нејзин прекин.
Во писмо објавено вчера, повеќе од 100 американски експерти по меѓународно право, меѓу кои и професори од „Харвард“, „Јеил“, „Стенфорд“ и Универзитетот во Калифорнија, навеле дека однесувањето на американските сили и изјавите на високи функционери предизвикуваат сериозна загриженост за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право, вклучително и потенцијални воени злосторства.
Тие особено го истакнуваат коментарот на американскиот претседател од средината на март, во кој тој вели дека САД би можеле да извршат напади врз Иран само од забава. Исто така, во писмото се цитираат изјавите на шефот на Пентагон, Пит Хегсет, кој на почетокот на март рече дека Соединетите Држави не се борат според глупави правила.
Во писмото објавено на веб-страницата на списанието „Џаст секјурити“ (Just Security), правните експерти навеле дека се сериозно загрижени за нападите во кои беа погодени училишта, здравствени установи и домови, истакнувајќи го бомбардирањето на училиште во Иран на првиот ден од војната.
Американската војска минатиот месец соопшти дека започнала истрага за ужасниот напад врз иранското училиште за девојчиња на 28 февруари, во кој, според иранската Црвена полумесечина, се убиени 175 лица.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во средата се закани дека со напади врз енергетската и нафтената инфраструктура на Иран велејќи дека ќе удрат на земјата многу силно и ќе ја вратат во камено време.
„Ќе ги удриме многу силно во следните две до три недели. Ќе ги вратиме во камено време, каде што им е местото“,
рече Трамп.
Овие закани Трамп ги повтори и синоќа велејќи дека војската на САД уште не ни почнала да го уништува она што останало од Иран.
„Нашата војска, убедливо најголемата и најмоќната во светот, уште не ни почнала да го уништува она што остана во Иран. Следни се мостовите, па електричните централи! Новото раководство на режимот знае што треба да се направи, и мора да се направи брзо!“,
напиша Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут соушл.
Водечка американска група за застапување на муслиманите предупреди дека воената реторика на Трамп, вклучително и неговата закана да го врати Иран во камено време, е дехуманизирачка, пренесе Ројтерс.
Конфликтот на Блискиот Исток започна на 28 февруари кога САД и Израел почнаа симултани напади врз Иран. Техеран одговори со напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив каде што има американски бази.
Според информациите од повеќе групи и организации, во заедничките американско-израелски напади врз Иран и израелските напади во Либан досега се обиени илјадници луѓе, а милиони принудени да ги напуштат своите домови.
