Бугарската држава во 1982 година го одликувала американскиот славист Фридман со медал „1300 години од Бугарија“, а тој сега е цел на напади на тамошните лингвисти поради неговиот став дека македонскиот јазик е различен од бугарскиот и има своја историска основа во локалните дијалекти
Интервјуто на светски признатиот лингвист од САД, Виктор Фридман, емитувано во последното издание на емисијата „360 степени“, предизвика реакции во бугарската јавност, придружени со напади врз Фридман. Во тоа особено предничи доцент Ана Кочева, претставена во интервју за бугарското радио „Фокус“ како специјалистка за „бугарска дијалектологија и лингвистичка географија“ од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките (БАН).

А токму ставот на БАН кој гласи: „официјалниот јазик во Република Северна Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“ го предизвика академик Фридман, во настапот во „360 степени“, да ја обвини Бугарија за „јазичен империјализам“, кој нема основа во светската лингвистичка мисла.
Кочева: Фридман користи терминологија на Коминтерната
Ана Кочева во интервјуто за „Фокус“ вели дека кога Фридман обвинува за бугарски јазичен империјализам, тој всушност ја користи терминологијата на Коминтерната. Тезата на Кочева не е воопшто нова и е на линија на генералниот пристап во Бугарија дека македонскиот јазик и македонскиот народ се творба на Јосип Броз-Тито и на Коминтерната од 1944 година.

„Најмалку би требало да се очекува од Фридман, кој по потекло е од Молдавија, да има таков став. Зашто молдавската ситуација е иста со македонската и тој совршено знае на каков начин во Молдавија е создаден молдавскиот јазик, од кој се откажаа и самите Молдавци и сега веќе прифаќаат дека тоа е романски јазик“, вели Кочева.
Која е Ана Кочева?
Ова не е прв ваков настап на Ана Кочева-Лефеџиева. Таа од позиција на вработена во Институтот за бугарски јазик повеќепати во изминатите години во јавни настапи ја негира засебноста на македонскиот јазик и вели дека во земјава се зборува на западно-бугарски дијалект.
Ана Кочева, всушност, само го продолжува делото на својот татко, исто така лингвист, Иван Кочев, кој по потекло е од Струга. Иван Кочев во македонската стручна јавност, меѓу другото, е познат како еден од коорганизаторите на меѓународниот симпозиум на тема „Постои ли македонскиот јазик“, одржан во 1995 година во Салцбург, Австрија. Домаќин на конференцијата е шефот на Катедрата по бугарски јазик на Институтот за славистика во Салцбург, Ото Кројнштајнер, кој во некои научни кругови во Скопје се смета за „најголем противник на македонскиот јазик и идентитет“ на Запад.

Според сведочењата на писателката Кица Колбе, која лично присуствувала на настанот во Салцбург, Кочев и неговиот бугарски колега Иван Дуриданов (по потекло од Штип) зборувале за „криминал сторен од Блаже Конески, кој ја сменил азбуката и се одлучил за говорно подрачје што е најоддалечено од Бугарија само за да ги отуѓи Македонците од Бугарите“. Според Колбе, речиси сите останати присутни слависти им се спротивставиле на Дуриданов и Кочев, кој на симпозиумот бил со својата ќерка. „Можно е таа да е бугарската лингвистка чие име деновиве често се споменува во вестите во Македонија“, пишува Колбе во текстот објавен на „Дојче веле“ во ноември 2017 година.

Ана Кочева била студентка на Ото Кројнштајнер на Институтот во Салцбург и стипендистка на австриското Министерство за образование. Во 2011 година ја одбранила докторската теза на тема „За народната основа на старобугарскиот јазик“.
Виктор Фридман одликуван од Бугарија
Врв на иронијата во овие напади што сега доаѓаат од Ана Кочева е фактот дека Виктор Фридман, кој одлично го познава и бугарскиот јазик, во 1982 година е одликуван со медал по повод јубилејот „1300 години од Бугарија“.