Министерството за правда веќе ги направило измените во Кривичниот законик и тие се пратени на увид во Владата. Очекувањата се дека во втората половина на мај тие ќе се најдат пред пратениците за гласање
Портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски, во интервју за емисијата „25 минути“ на ТВ24 најави дека преку измените на Кривичниот законик нападот врз новинарите, конечно ќе се третира како напад врз службено лице, за што се предвидени затворски казни.
„Овие измени на Кривичниот законик во Министерството за правда се веќе направени, пратени во Владата и поставени на увид. По завршувањето на периодот за забелешки тие ќе бидат изгласани од Владата и пратени понатаму во собраниска процедура. Очекувањата се дека во втората половина на мај тие ќе се најдат пред пратениците за гласање“,
рече Видиновски во емисијата „25 Минути“.
Според портпаролот на Министерството за правда во измените на законот покрај новинарите, се вметнати и медиумските работници, односно и снимателите.
„Вие знаете дека јас како портпарол или пак министерот за правда, не можеме во ниту еден случај да коментираме судски одлуки или постапки. Но, тоа што можеме да го направиме е да ги следиме судските случаи каде што се инволвирани новинари, да утврдиме каде можеби се појавува проблем и доколку тие можат да се коригираат преку измена на закони кои се под Министерството за правда, тоа и да се направи“,
рече Видиновски.
Покрај измените во Кривичниот законик, со измени во Законот за граѓанска одговорност се предлага и намалување на надоместокот на штета за клевета и навреда до 10 пати.
