Легијата за слободна Русија, која се опишува себеси како герилска група што сака да ја ослободи Русија од Путин, соопшти дека ја преминала руско-украинската граница и испратила единици во градот Греиворон во рускиот регион Белгород. Друга милитантна организација, која исто така се бори против Кремљ, Руски волонтерски корпус, предводен од истакнат руски националист, соопшти дека учествувала во акцијата, пренесува „Гардијан“

Група Руси против Путин, кои се на линија со украинската армија, ја презедоа одговорноста за нападот во југозападниот руски регион Белгород, пренесува Си-ен-ен.
Гувернерот на овој руски регион, Вјечеслав Гладков, изјави дека најмалку осум лица се повредени од украинска диверзантска група во близина на границата. Украински официјален претставник, како што пренесува Си-ен-ен, вели дека групата ја сочинуваат руски државјани и вели дека тие дејствуваат независно.
Легијата за слободна Русија, која се опишува себеси како герилска група што сака да ја ослободи Русија од Путин, соопшти дека ја преминала руско-украинската граница и испратила единици во градот Греиворон во рускиот регион Белгород.
Друга милитантна организација која исто така се бори против Кремљ, Рускиот волонтерски корпус, предводен од истакнат руски националист, соопшти дека учествувала во акцијата, пренесува „Гардијан“
Гувернерот на Белгородската Област, која се граничи со Украина, Вјечеслав Гладков, објави дека во текот на ноќта областа била нападната со беспилотни летала. Во серијата објави на Телеграм доцна вчера и рано утринава, Гладков рече дека две куќи биле погодени со беспилотни летала во градот Граиворон – местото на претходниот напад за кој одговорноста ја презедоа проукраинските руски доброволци.
„Куќите се запалија откако експлозивните направи беа фрлени од беспилотното летало“,
рече Гладков.
Тој рече дека во два одвоени напади со дронови биле фрлени експлозивни направи врз управна зграда и куќа во селото Борисовка. Тој додаде дека нема пријавени жртви во ниту еден од инцидентите со дронови.
Засега никој не ја презеде одговорноста за наводните напади со беспилотни летала. Претходно вчера Гладков изјави дека повеќето жители на Граиворон биле евакуирани од градот откако осум лица биле повредени во напад на диверзантска група поврзана со украинската војска.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека претседателот Владимир Путин бил информиран и дека се работи на протерување на „саботерите“, пренесе државната новинска агенција РИА новости.
По овие настани, Русија соопшти дека има отворено истрага за тероризам поради настаните во Белгород.
Во соопштението властите велат дека Истражниот комитет на Русија покрена постапка врз основа на Кривичниот законик на Руската Федерација за терористички чин, повредување на животот на полициските службеници, обид за убиство, намерно уништување или оштетување имот, недозволено пуштање во промет оружје и експлозиви.
„Според истрагата, на 22 мај 2023 година, претставници на украинските вооружени формации ја нападнале областа Граиворон во регионот Белгород. Станбени и административни згради, објекти на цивилна инфраструктура беа изложени на минофрлачки и артилериски гранатирања. Како резултат на овие криминални дејствија беа повредени неколку цивили. Во моментов се спроведуваат истражни и оперативни мерки за утврдување на идентитетот на напаѓачите и сите околности на инцидентот“,
се вели во соопштението од руските власти.
Украина ги продолжува борбите околу Бахмут
Украинската војска соопшти дека продолжиле тешките борби во и околу Бахмут, во источниот регион Донецк, додавајќи дека украинските сили одбиле 30 руски напади во изминатиот ден во градот.
„Украинските сили задржаа мало упориште во источниот град. Нашите војници ја контролираат југозападната периферија на градот“,
тврди заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар.
Украинските трупи направија „благ напредок“ на северот и јуотг од градот, тврди таа.
„Борбите продолжуваат во предградијата. Непријателот се обидува да заземе поволни позиции, но не успева. Во одредени области непријателот е во дефанзива. Тој трпи големи загуби“,
рече таа.
Украинските власти постојано тврдеа дека Бахмут не паднал целосно во руски раце, откако приватната воена група „Вагнер“ и московските власти соопштија дека го зазеле источниот град изминатиот викенд.