Дел од препораките се сите установи на подрачјето на Град Скопје да ги проверат исправноста и ефикасноста на грејните тела и уредите за загревање, Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ зачестено да ги чисти и мие коловозите под надлежност на Град Скопје, а општините да постапат аналогно за улиците во нивна надлежност
Граѓаните, особено чувствителните групи, да го ограничат престојот на отворено, да се избегнуваат спортски настани на отворено, средните училишта во Скопје да извршат проверка на состојбата и функционалноста на прочистувачите на воздух, а општините да ги проверат прочистувачите во градинките во нивна надлежност.
Ова се дел од препораките кои денеска ги издаде Град Скопје откако изминатите два дена мерните станици на пет локации во главниот град измерија зголемено ниво на штетни честички во воздухот.

Се препорачува сите установи на подрачјето на Град Скопје да ја проверат исправноста и ефикасноста на грејните тела и уредите за загревање, Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ зачестено да ги чисти и мие коловозите под надлежност на Град Скопје, а општините да постапат аналогно за улиците во нивна надлежност.
Една од препораките до граѓаните е кога надворешната температура е над 0 степени Целзиусови, доколку имаат можност, да користат клима уреди и инвертер-системи, наместо ложишта на цврсти или течни горива.
Се препорачува користење на јавен превоз наместо автомобили без оправдана потреба и примена на системот на заедничко користење на возилата. За институциите и фирмите се препорачува колку што е можно да го ограничат користењето на службени возила, а при идни набавки да се предвиди користење електрични или хибридни возила.
„Понатаму, инсталациите во кои се врши согорување на енергенси да се користат во согласност со европските еколошки стандарди, сопствениците и корисниците на објекти (правни и физички лица) да извршат проверка на исправноста на уредите за загревање, а при идни инвестиции да предвидуваат технологии со пониско ниво на емисии, градежната механизација да го избегнува движењето во периодите на сообраќаен метеж, од 7:30 до 8:30 часот и од 15:30 до 17:00 часот“,
наведуваат од Град Скопје.
Оттаму дополнително препорачуваат зајакнати инспекциски надзори на инсталации кои поседуваат Б-интегрирани еколошки дозволи и одобрени елаборати за животна средина, зајакнати инспекциски надзори над градилиштата, како и зајакнати контроли во однос на создавање диви депонии и спалувања на отворен простор.
„Понатаму, контрола на одобренијата за дотур на стока кои ќе важат во периодот од 18:00 до 7:30 часот наредниот ден, согласно одлуката за изменување и дополнување на одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување стока на подрачјето на Град Скопје, вонредни контроли на техничката исправност на возилата во однос на зголемени емисии на штетни гасови во соработка со надлежното министерство, контрола на воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, со насока да се користи обиколницата во соработка со надлежното министерство“,
се дел од останатите препораки на Град Скопје.
Град Скопје дополнително апелира граѓаните да не користат огномети и пиротехника за време на претстојните празници со цел заштита на здравјето на граѓаните, животната средина и безбедноста на луѓето и животните.
