Реакцијата на опозициската партија следува откако утринава ВЛЕН обвини дека ДУИ ја отворила вратата за сомнителен српски и црногорски капитал и оти работи спротивно на албанските интереси
Наместо да го оствари ветувањето од изборната кампања во 2024 година дека ќе се отвори банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економското зајакнување на Албанците, ВЛЕН сега како слуга на ВМРО-ДПМНЕ ги отвори вратите за навлегување на „српскиот свет“ во банкарскиот сектор во земјава преку Алта банка, реагираат од Демократската унија за интеграции.

Оттаму велат дека отворањето на банката не е обична финансиска инвестиција, туку директен економски и политички проект на Белград за преземање контрола врз стратегиските институции во земјава и оти таа не е приватна компанија, туку механизам за политичко влијание, перење капитал и создавање на економска зависност од српските интереси.
„Фактите се јасни: Поставувањето на Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна членка на ВМРО, на чело на банката е резултат на личното лобирање на Мицкоски кај Вучиќ; Професионалците од финансискиот сектор предупредија за ризикот по угледот на државата пред ЕУ и меѓународните институции – Владата и безбедносните институции молчат; Претседателката и нејзиниот кабинет го релативизираат проблемот, претставувајќи го како „нормална“ инвестиција, иако сите знаат дека се работи за политички инструмент на српскиот свет“,
велат од ДУИ.
Оттаму вела и дека ВЛЕН наместо да гарантира албански капитал и рамномерен економски развој, како што ветија, тие заедно со своите партнери го предаваат банкарскиот сектор кој е срцето на економијата во рацете на Белград.
„Ова не е економско прашање, туку прашање на национална безбедност. Српска банка значи српско влијание врз кредитите, бизнисите и финансиското одлучување во земјата. Тоа значи контрола на стратешките сектори и слабеење на евроатлантската ориентација“, ветија албанска банка, донесоа српска банка. Ветија европска интеграција, донесоа ‘српски свет’ и руско влијание“,
соопштија од опозициската партија.
Претходно денеска од ВЛЕН соопштија дека владата на ДУИ овозможила српскиот и црногорскиот организиран криминал да влезе во индустријата на казината, односно од трите доделени лиценци од Видеолотарија, две завршиле кај сомнителни компании од овие земји.