Според министерот за економија Крешник Бектеши, извештајот на ДЗС покажува дека има намалување на инфлацијата споредено со претходните месеци

Граѓаните во март, споредено со февруари годинава, имале за 0,1 отсто намалени трошоци за живот, а за толку биле пониски и цените на производите на мало, се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика кој е објавен денеска.
Според ДЗС, намалување на индексот на трошоците на живот има кај лебот и житата кои биле пониски за 4,7 отсто. Млекото имало пониска цена за 4,6 отсто, а маслото и маснотиите за 2,4 отсто. За 2,2 отсто пониска цена имале сирењето и урдата, а свежото и разладеното овошје за 1,2 отсто. Во март рибата и морските плодови имале пониска цена за 0,8, а јајцата за 0,2 отсто.
Пораст на трошоците на животот, пак според извештајот на ДЗС, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 8,8 отсто. Со повисоки цени во март се продавале и минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук и тоа за 2,1 отсто. Кафето, чајот, какаото и виното минатиот месец биле поскапи за 0,8 отсто, а жестоките пијалаци за 0,7 отсто. Месото, пак, и другите прехранбени производи, како и пивото имале цени повисоки за 0,6 отсто.
Во споредба со март лани трошоците на животот се зголемени за 14,7 отсто, а цените на мало за 10,7 отсто.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска го коментираше извештајот на ДЗС за што рече дека според него се гледа дека има намалување на инфлацијата споредено со претходните месеци.
„Ова е најголемото намалување во споредба со октомври претходната година кога и почнаа да се зголемуваат цените и на прехранбените производи и на енегренсите. Инфлацијата споредено со истиот месец претходната година е 14,7 отсто и е со два отсто пониска во однос на февруари. Најважно, согласно извештајот, е дека во однос на февруари има намалување во делот на транспортот и храната што значи дека мерките почнале да го даваат својот резултат“,
рече Бектеши на денешната прес-конференција.