Во недостиг на официјални информации од МВР во врска со тоа дали налепниците со новата ознака се достапни за набавка, редакцијата на „360 степени“ ова прашање им го постави на неколку станици за технички преглед на возила во земјава. Заедничко во одговорите на трите станици за технички преглед кои ги контактиравме е дека засега сè уште ги немаат добиено налепниците со новиот код
Налепниците за регистарските таблички со новиот код NMK, кои граѓаните треба да ги имаат на своите возила заклучно со 12 февруари годинава, сè уште не се доставени до станиците за технички преглед на возилата – места од каде што граѓаните ќе може да ги набават по симболична цена.
Во недостиг на официјални информации од Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со тоа дали налепниците со новата ознака се достапни за набавка, редакцијата на „360 степени“ ова прашање им го постави на неколку станици за технички преглед на возила во земјава.
Прашањето дали налепниците со кодот NMK се доставени до нив, три станици за технички преглед, од кои две во Скопје и една во Велес, го одговорија речиси идентично. Заедничко во одговорите на трите станици за технички преглед кои ги контактираше „360 степени“ е дека засега сè уште ги немаат добиено налепниците со новиот код.
„Нема уште налепници. Нема нигде. Со МВР треба да имаме координација, ама налепниците сè уште не се доставени. Ќе чинат 30, 40 и 50 денари. Налепниците за мотор ќе бидат 30 денари, 40 денари за автомобил и 50 денари за товарни возила. Рокот кажаа дека е до 12 февруари, ама нема шанси до тогаш да се сменат. Што ќе биде понатаму не знам“,
одговорија од станица за технички преглед во Скопје.
Одговорот што го добивме од втората станица за технички преглед во Скопје со која стапивме во контакт беше помалку или повеќе изненадувачки. На прашањето дали ги имаат добиено или дали имаат информација кога би им биле испорачани налепниците со ознаката NМК, оттаму одговорија:
„Немаме никаква најава, не знае ниту полицискиот службеник. Колку знаете вие, толку знаеме и ние“.
Од третата станица за технички преглед на возила со која „360 степени“ стапи во контакт, а е лоцирана во Велес, одговорот беше дека налепниците ќе бидат доставени најверојатно за еден месец или месец и половина отсега.
„Нема уште, нема ни да има за скоро. Колешката од МВР ни кажа дека најверојатно после еден месец, месец и пол ќе бидат доставени до сите пунктови во цела држава. Од МВР известија дека крајниот рок е до 12 февруари, ама немаат доставено уште, ќе ги достават за месец и пол отприлика“,
рекоа од станица за технички преглед во Велес.
Со заклучокот дека налепниците со ознаката NМК за регистарските таблички засега не се доставени до станиците за технички преглед, од каде што граѓаните всушност и треба да ги набават, „360 степени“ се обиде да стапи во контакт со МВР и да праша зошто испораката на налепниците сè уште не е направена и дали возило на чии таблички стои досегашната ознака МК ќе може да ја премине границата на земјава по 12 февруари.
До објавување на оваа вест оттаму не одговорија на нашите повици.
Во последното официјално соопштение на МВР поврзано со промената на стариот код МК со новата ознака NМК на регистарските таблички стои дека налепниците ќе се продаваат по симболична цена – од 30 до 50 денари и дека ќе може да се набават во станиците за технички преглед на возилата низ земјава. Дополнително, од Министерството наведуваат дека од 12 февруари на регистарските таблички треба да стои новиот код.
За набавката на налепници и регистарски таблички со новата ознака NМК, Министерството за внатрешни работи во декември лани склучи договор за јавна набавка со фирмата „Квантум“ од Скопје заедно со германската компанија „ЕХА Хофман интернационал“. За оваа цел, МВР ќе потроши 2,29 милиони евра (141,6 милиони денари) во период од три години, колку што предвидува договорот за набавката.
Набавката, како што стои во договорот, ќе се реализира сукцесивно според потребите што ќе ги утврди МВР, а првата испорака треба да почне 30 дена од потпишувањето на договорот, односно на почетокот на јануари.
Обврската за користење на кодот NМК наместо МК на регистарските таблички на возилата во државава произлезе од одредбите на Преспанскиот договор со Грција.