Најмногу возила институциите набавиле од марката „шкода“, или 90, што е една третина од сите набавени возила за време на двегодишниот период кој е предмет на анализата на Центарот за граѓански комуникации. Зад „шкода“ е марката „дачиа“, од која се набавени 78 возила. Следна е марката „пежо“, со 45 автомобили
Во последните две години, во 2023 и 2024 година, државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8,5 милиони евра. Нови возила набавиле 44 институции, а просечната вредност за сите набавени возила е близу 32 илјади евра. Ова се резултатите од истражувањето што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавни набавки на возила.

Истражувањето открива и дека најскапото набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила, па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра.
И Државна видеолотарија е во првите три институции што набавиле најскапи возила, со набавка од 55 315 евра. Следува Општина Битола со 55 206 евра и „Комуналец“ – Кавадарци со 55 155 евра.

Во истражувањето е направена анализа колку возила се набавени поединечно по институции, па така „Електрани на Северна Македонија“ набавиле најмногу возила или 82 за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи за набавка на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра. Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од милион евра за нови возила дала Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила и Водостопанство за набавени 15 возила

„Шкода“, „дачиа“ и „пежо“ најмногу се возат во институциите
Најмногу возила институциите набавиле од марката „шкода“, или 90, што е една третина од сите набавени возила за време од двегодишниот период кој е предмет на анализата на Центарот за граѓански комуникации. Зад „шкода“ е марката „дачиа“, од која се набавени 78 возила. Следна е марката „пежо“, со 45 автомобили.
Потоа следуваат и „опел“ со 16 возила и „рено“ со 10 возила.

Кога станува збор за фирмите што ги добиваат овие тендери, дури 70 отсто од 8,5 милиони евра одат само кај три фирми. Најголема вкупна вредност на склучените договори за јавна набавка имаа две фирми. И двете оствариле по околу 2,8 милиони евра вкупна вредност на договорите за анализираните две години.
„Станува збор за ‘Порше лизинг‘ со 2 853 911 евра и ‘Аутомотив груп‘ со 2 744 380 евра. Трета ‘Еуроимпекс‘ со 1 062 920 евра. Тука се и ‘Јосифов‘ со 653 203 евра и ‘Делукс-ауто‘ со 620 985 евра. Сите други фирми што продаваат или нудат возила на лизинг имаат значително помали износи на склучени договори за јавни набавки на возила“,
се вели во анализата на ЦГК.
За десетина години речиси двојно се зголемила просечната цена на набавените патнички возила од државните институции.
Така, во последните две години, просечно годишно се трошеле по повеќе од четири милиони евра за набавка на нови возила, сума што е рекордна досега. Во годините пред пандемијата, просечно се трошеле по околу три милиони евра за набавка на нови возила, а во пандемијата по околу еден милион евра годишно.
Кој се вози во владините возила кои достигнаа цена од над 50 илјади евра?
Според анализата на ЦГК, посебно внимание предизвикува набавката на т.н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, СОЗР ги набавува возилата во кои се возат највисоките државни функционери по пат на оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години, по што ги враќа и набавува нови.
„Последната ваква набавка се спроведе минатата година, кога беа набавени 45 возила по цена на лизинг за едно возило од 50 437 евра. И овој пат се набавени возила од марката ‘шкода суперб’. За првпат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50 437 евра“,
се вели во истражувањето.
Според информациите на СОЗР, 45-те „шкоди суперб“ земени на тригодишен лизинг по цена од 50 437 за едно возило ги користат највисоките сегашни и поранешни функционери, како претседателката на државата (едно возило), поранешните претседатели на државата (четири возила), Собранието на РСМ (три возила), претседателот на Уставниот суд (едно возило), Владата на РСМ (пет возила), поранешните премиери – Талат Џафери и Димитар Ковачевски (две возила), замениците на премиерот и владините министри (22 возила), шефот на кабинетот на премиерот (едно возило), генералниот секретар на Владата (едно возило), заменик-генералниот секретар на Владата (едно возило), директорот на СОЗР (едно возило) и СОЗР (три возила).

Четирите возила за поранешните претседатели на државата ги користат поранешните претседатели, како Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски и Вилма Трајковска, сопругата на починатиот поранешен претседател Борис Трајковски.
Трите возила за Собранието ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши, од кои едно возило е за него, а другите две се за неговата придружба.
Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговата придружба, а две се за владиниот протокол.
Трите возила на СОЗР се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила, односно за опслужување на странски делегации и министерства.