Џил Бајден добила и брош во вредност од над 14 илјади долари од украинскиот амбасадор во САД и нараквица, брош и фотоалбум во вредност од четири и пол илјади долари од претседателот и првата дама на Египет
Американскиот претседател Џо Бајден и неговото семејство добиле вредни подароци од странските лидери во 2023 година, покажуваат податоците што вчера ги објави Стејт департментот, а пренесува „Гардијан“.
Сепак, првата дама Џил Бајден го добила најскапиот подарок, а тоа е дијамант вреден 20 илјади долари од индискиот премиер Наренда Моди.
Дијамантот од 7,5 карати е највредниот подарок што некој од членовите на претседателското семејство на Бајден го добило во 2023 година.
Џил Бајден добила и брош во вредност од над 14 илјади долари од украинскиот амбасадор во САД и нараквица, брош и фотоалбум во вредност од четири и пол илјади долари од претседателот и првата дама на Египет.
Претставниците на извршната власт во САД, според федералниот закон, мора да ги пријават подароците што ги добиваат од странски лидери и нивни колеги со проценета вредност од повеќе од 480 долари.
Голем дел од подароците што ги добиваат се симболични, а со тоа и скромни. Поскапите подароци често се пренесуваат во Националниот архив или се прикажуваат на официјални изложби.
Според документот на Стејт департментот, дијамантот од 20 илјади долари се наоѓа во источното крило на Белата куќа, а други подароци што ги добил Бајден и неговата сопруга Џил се испратени во Националниот архив.
Ванеса Валдивија, портпаролката на првата дама соопшти дека дијамантот ќе биде префрлен во Архивот откако Бајден и неговата сопруга ќе ја напуштат Белата куќа.
Иако се случува ретко, сепак, постои можност, оние што ги добиле подароците да ги купат од американската влада по нивната пазарна вредност.
Американскиот претседател Џозеф Бајден за време на неговиот мандат добил голем број скапи подароци, меѓу кои и комеморативен фотоалбум вреден 7 100 долари од неодамна суспендираниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол.
Од премиерот на Монголија добил и статуа на монголски воини вредна над три илјади долари, сребрен сад во вредност од 3 300 долари од султанот од Брунеи, сребрен послужавник од израелскиот претседател Исак Херцог од 3 160 долари и колаж вреден 2 400 долари од украинскиот претседател Володимир Зеленски.