Постои голем потенцијал за соработка меѓу С.Македонија и Грција, особено во области како образованието, но потребна е поголема поддршка од државата, пред се во делот на институциите, која во моментов недостига. Владите треба да ја охрабрат соработката и да обезбедат средства таа да се имплементира, пред се преку финансиска поддршка, смета Јоргос Христидис од невладината ЕЛИАМЕП, во врска со новиот Извештај за соработката меѓу двете земји, изработен во соработка со тинк тенк организацијата „Аналитика“ и Амбасадата на Шведска во Скопје.
„Истражувањето покажува дека најпродуктивната соработка во моментов се одвива во невладиниот сектор, поради неговата независност, најслаба е во високото образование, што се должи на специфичноста на самиот сектор, а во културата е некаде помеѓу. Она што сакаме да го потенцираме е дека двете земји треба да работат интензивно со цел да ја промовираат таа соработка“, вели Христидис која според него, може да се постигне преку потпишување билатерални договори за што има примери.
Според Вели Креци проф. на УЈИЕ, истражувач во Аналитика и еден од авторите на Извештајот, овие теми се избрани поради оценката дека станува збор за области каде може со неколку мали интервенции да се направи функционална рамка за зајакнување на соработката, при тоа се има предвид институции каде веќе е воспоставена соработка.
„Од Истражувањето се покажа дека има подготвеност за подобрување на соработката и од двете страни. Има позитивни трендови и во областа на образованието и во другите области кои се дел од истражувањето. Во областа на образованието, универзитетите треба да бидат поактивно вклучени во иницијативи за соработката. Универзитетите имаат некои други приоритети кога е во прашање соработката или можеби по создадената нова клима на институциите им треба малку повеќе време за да се вклучат во соработката“, вели Креци.
Ова е трет проект на Аналитика и Елиамеп и прв кој резултира со заеднички подготвен Извештај. По презентацијата во Скопје, ќе следи и негова презентација во Атина в среда.
Тој не е поврзан со Заедничката комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Преспанскиот договор, која веќе имаше неколку средби годинава и која според дава одредени резултати, а сега се очекува дали по изборите и формирањето на новата влада ќе има промени во нејзиниот персонален состав.
Од Елиамеп, исто така, очекуваат добри вести од Брисел во наредните шест месеци, но истражувачите од овој проект сметаат дека е важно е што добри вести доаѓаат и од регионот, посебно во соработката на граѓанските општества. Важно е при тоа да продолжат напорите за меѓусебно запознавање и градење на доверба.
Амбасадорка на Шведска во нашата земја Кристин Форсгрен Бенгтсон вели дека ова Истражување е еден од начините на поддршка на имплементацијата на Преспанскиот договор, кој треба да ја дефинира нашата заедничка европска иднина, во која следен природен чекор е отворањето на пристапните преговори со ЕУ.