Новата мерка, објавена пред една година, е дел од големиот нов план за имиграција, чија цел е воведување построги контроли ветени во рамките на Брегзит
Граѓаните на Европската Унија од денеска повеќе нема да можат да користат лични карти за влез во Велика Британија, каде што стапува во сила задолжителната употреба на пасошите, како една од најновите „последици“ од Брегзит.
Британското Министерство за внатрешни работи во соопштението наведува дека овие промени ќе овозможат да се спречат организирани криминални банди и други лица да го злоупотребуваат системот бидејќи, според нив, личните карти се недоволно безбеден документ.
Според министерството, 48 проценти од лажните документи откриени во 2020 година на британската граница биле европски или швајцарски лични карти.
Тие документи полесно е да се фалсификуваат отколку пасошите, посочуваат од Министерството, додавајќи дека некои немаат биометриски податоци.
„Мора да се бориме против криминалците кои се обидуваат илегално да влезат во нашата земја користејќи лажни документи“,
рече министерот за внатрешни работи Прити Пател во изјавата.
Таа додаде дека со укинување на употребата на небезбедните лични карти, Британија ја зајакнува својата граница и одговара на „желбата на народот да ја врати контролата врз својот имиграциски систем“.
Новата мерка, објавена пред една година, е дел од големиот нов план за имиграција, чија цел е воведување построги контроли ветени во рамките на Брегзит.
Единствениот исклучок за задолжителните лични карти се ирските државјани, како и државјаните на ЕУ или Швајцарија кои живеат во Обединетото Кралство. Тие можат да продолжат да користат лични карти до 31 декември 2025 година.
