Според информациите на словенечкото Министерство за здравство, во болниците ширум земјата на интензивна нега се наоѓаат 85 пациенти кои не се вакцинирани, а најмладиот од нив има само 18 години

Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 5 163 позитивни случаи на ковид-19, што е најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата, а тамошните здравствени власти сметаат дека ова се случува поради ширењето на доминантниот сој омикрон.
„Омикрон е поинаков сој, па ќе заразува и лица кои се вакцинирани, меѓутоа вакцинацијата, пак, штити од потежок облик на болеста и хоспитализација“,
изјави за словенечката национална телевизија тамошниот министер за здравство, Јанез Поклукар.
Тој упати апел граѓаните помасовно да се вакцинираат.
„На државата не ѝ се заканува толку самата зараза колку што тоа го прават заболените кои ги полнат болниците“,
изјави Поклукар и додаде дека истражувањата покажале дека од потежок облик на болеста донекаде штити и првата доза од вакцината.
Според информациите на словенечкото Министерство за здравство, во болниците ширум земјата на интензивна нега се наоѓаат 85 пациенти кои не се вакцинирани, а најмладиот од нив има само 18 години.
Евентуалната задолжителна вакцинација сѐ уште не е на маса, не е разгледувана ниту од кризниот штаб ниту од владата, но прогнозите за ширењето на петтиот бран, во кој омикрон веќе стана доминантен, не се добри, соопшти словенечкиот министер за здравство.