Според статистиката, најголема сума од семејниот буџет оди на месо, и тоа 38 397 денари, по што следуваат млекото, млечните производи и јајцата, за што им биле потребни 30 411 денари

Над 50 проценти од домашниот буџет на македонските домаќинства во текот на оваа година биле наменети исклучиво за храна и за пијалаци. Најновите податоци од „Статистичкиот годишник 2025“ на Државниот завод за статистика откриваат дека едно просечно семејство трошело околу 159 750 денари годишно за храна и пијалаци.
Според статистиката, најголема сума од семејниот буџет оди на месо, и тоа 38 397 денари, по што следуваат млекото, млечните производи и јајцата, за што им биле потребни 30 411 денари. За производи од жито оваа година семејствата трошеле по 25 079 денари, за зеленчук – 21 373 денари, за овошје – 9 932 денари, додека за шеќер и чоколади по 7 409 денари. Најмалку пари се трошат за риба, само 4 369 денари.
Во извештајот се наведува дека просечно домаќинство консумирало дури 172,3 килограми леб и 64 килограми компир.
Од зеленчук најмногу се јаделе домати, и тоа по 33 килограми, и пиперки – 30,4 килограми, додека гравот останува традиционален избор со речиси 15 килограми годишно.
Кај овошјето најмногу се консумирало јужно овошје, и тоа 70,2 килограми, далеку пред јаболката со 31,4 килограм и лубеницата.
Во категоријата месо, убедливо води живината со 45,6 килограми, по што следува свинското месо – 23,6 килограми. Јагнешкото и овчото месо се речиси отсутни од секојдневната трпеза со помалку од половина килограм на годишно ниво.
Од млечните производи, најмногу се пијат јогурт и кисело млеко – 76,2 килограми, пресно млеко -73,4 литри, а сирење годишно се јадело по 32,4 килограми.
Кога станува збор за пијалаците, безалкохолните доминираат со 181,6 литри, и за тоа се трошеле по 6 293 денари.
Кај алкохолот најмногу се пиело пиво – 28,6 литри, вино – 4,6 литри и жестоки пијалаци – 1,9 литри, а годинава за тоа се давале по 4 309 денари.
Семејствата годинава трошеле по 14 285 денари за тутун, а за кафе, чај и какао по 4 951 денар.
Овие податоци се добиени преку „Анкетата за потрошувачка на домаќинствата“, која опфатила 5 040 домаќинства ширум државата. Најголемиот дел од опфатените семејства (над 92 отсто) се неземјоделски домаќинства кои живеат во урбани и рурални средини.
