Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, соопшти дека денешниот напад е најтежок и најобемен од почетокот на војната, со речиси шеесетина експлозии кои одекнале во градот за помалку од два часа
Најмалку три лица загинаа во руски напад врз вториот по големина украински град Харков и, според градоначалникот Ихор Терехов, тоа бил најтежок напад од почетокот на војната, со речиси 60 експлозии што одекнале во градот за час и половина.
Изминатите шест часа Харков беше под најтешкиот руски воздушен напад од почетокот на војната. Руските сили испукуваат ракети, дронови и бомби врз станбени области во целиот град, обвинуваат регионалните власти. Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, соопшти дека досега се потврдени три жртви и оти се регистрирани најмалку 60 експлозии. Дополнително, вели, на неколку локации низ градот под урнатините има заробени луѓе.
„Регистрирана е и штета на 18 станбени згради и 13 приватни куќи. Досега се пријавени 17 повредени лица“,
изјави Терехов.
Русија ги интензивира воздушните напади врз Украина во последните неколку дена во своевиден обид за одмазда за украинската тајна акција со кодно име „Пајажина“, извршена на почетокот на месецов, кога беше извршен голем, прецизно планиран напад што бил подготвуван повеќе од 18 месеци, а во кој беа погодени повеќе од 40 воени авиони на четири различни локации во Сибир.
Меѓу уништените цели се наоѓале и стратегиски бомбардери „ту-95“ и „ту-22“, кои Русија ги користела за лансирање крстосувачки ракети кон украинска територија.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека Путин решително му рекол оти Русија ќе мора да одговори на неодамнешниот украински напад на аеродромите.
Во обид да се смират тензиите од двете страни пред пет дена се одржа втората рунда мировни преговори меѓу Русија во Истанбул, каде што на украинската делегација ѝ беше предаден рускиот меморандум за ставање крај на војната.
Во него, како што пренесоа светските медиуми, е посочено дека пред да прифати сеопфатен прекин на огнот Русија бара Украина прво да ја повлече својата војска од четирите региони што ги анектира Москва и кои ги смета за дел од руската територија.
