Во нападот погоден е медицински центар на Исламската здравствена организација поврзана со Хезболах
Најмалку шест лица се загинати, а осум се повредени во денешниот израелски воздушен напад врз центарот на главниот град на Либан, Бејрут, пренесуваат светските медиуми.
Жителите во Бејрут слушнале проектил како лета над градот пред да се чуе звукот на експлозијата.
Според пишувањата на „Гардијан“, во нападот е погоден медицински центар на исламска здравствена организација поврзана со Хезболах.
Ова е прв израелски напад блиску до центарот на Бејрут – само неколку метри од парламентот на Либан.
Тоа доаѓа откако израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека осум војници биле убиени во борби во јужен Либан, што е нивна прва загуба од почетокот на копнените операции против вооружената група Хезболах.
Овој напад е втор воздушен напад врз центарот на Бејрут оваа недела, а другите претходно беа ограничени на предградијата на југот на градот.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека извршилe прецизен воздушен напад врз зграда во квартот Бачура, кој е во близина на Парламентот.
Во текот на ноќта имало и пет други воздушни напади врз цели во јужното предградие Дахије.
Три проектили го погодиле и јужното предградие Дахије, каде минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала.
Претходно, ИДФ објави дека повеќе пешадија и оклопни возила се приклучиле на операцијата со цел да се уништи, како што ја нарече, „терористичка инфраструктура“ во либанските погранични села.
Пред воздушните напади во текот на ноќта, либанското Министерство за здравство соопшти дека 46 луѓе биле убиени и 85 ранети во израелските бомбардирања во последните 24 часа.
Привремениот премиер на Либан, Наџиб Микати изјави дека околу 1,2 милиони Либанци се раселени поради израелските напади.