Израелската војска денеска соопшти дека извршила два одделни напади насочени кон висок командант на Хезболах и друг висок член на групата поврзана со Иран во областа на Бејрут, но не ги идентификувала, ниту, пак, кажала дали се убиени

Либанското Министерство за здравство објави дека во израелските воздушни напади загинале седум лица, пет во Бејрут и две јужно од либанскиот главен град.
„Во нападот извршен од израелскиот непријател врз Бејрут, според првичната проценка, загинале пет лица, а 21 лице било рането“,
се вели во соопштението на министерството.
Исто така, беше наведено дека во израелски воздушен напад јужно од Бејрут, загинале две лица, а тројца биле ранети.
Во соопштението се наведува дека од болницата „Ал-Захра“ ги негираат извештаите што кружат на социјалните медиуми дека по воздушниот напад врз областа Џнах биле евакуирани пациенти.
Оттаму потврдиле дека болницата продолжува да работи со својот вообичаен капацитет, и покрај околностите и дека примила и лекувала голем број повредени во воздушниот напад.
Израелската војска денеска соопшти дека извршила два одделни напади насочени кон висок командант на Хезболах и друг висок член на групата поврзана со Иран во областа на Бејрут, но не ги идентификувала, ниту, пак, кажала дали се убиени.
Милицијата Хезболах, поддржана од Иран, претходно повторно испука ракети и дронови кон Северен Израел. Израелската служба за спасување пријави неколку повредени лица, вклучувајќи и едно дете кое беше полесно повредено.
По речиси една година војна меѓу Израел и Хезболах, во ноември 2024 година беше договорен прекин на огнот. Хезболах ги продолжи нападите врз Израел по почетокот на војната со Иран пред околу еден месец, што го натера Израел да одговори со тешки воздушни напади и копнени операции во Јужен Либан.
Нападите се најнови во ескалирачката израелска офанзива во Либан во која загинале најмалку 1 200 луѓе и се раселени 1,2 милиони. Либан беше вовлечен во војната на Блискиот Исток кога Хезболах испука ракети кон Израел во солидарност со Техеран, два дена откако Израел и САД го нападнаа Иран. Нападот на Хезболах предизвика нова израелска копнена и воздушна офанзива.
