Премиерот на скандинавската земја, Улф Кристерсон, го опишува нападот како „најлошото масовно пукање“ во шведската историја, додека министерот за правда Гунар Штромер вели дека мотивот за овој случај останува непознат
Најмалку 10 лица се убиени во пукање во училиште за возрасни, сместено во кампус со други училишта во градот Оребро, во централна Шведска, објави шведската полиција, а пренесува Си-ен-ен.
Полицијата смета дека насилникот е меѓу загинатите.
Според првичните наводи, напаѓачот дејствувал сам.
Премиерот на скандинавската земја, Улф Кристерсон, го опишува нападот како „најлошото масовно пукање“ во шведската историја, додека министерот за правда Гунар Штромер вели дека мотивот за овој случај останува непознат.
„Ова е многу болен ден за цела Шведска“,
рече шведскиот премиер.
Додаде дека неговите мисли се со „погодените и нивните роднини“, како и со сите оние на кои „нормалниот училиштен ден им е заменет со терор“.
„Да се биде затворен во училница во страв за сопствениот живот е кошмар што никој не треба да го доживее“,
кажа тој.
Присутните и персоналот биле задржани во училишните згради бидејќи полицијата мислела дека напаѓачот сè уште е во бегство.
Откако се слушнале истрели, учениците се затвориле во училниците и не излегувале. Како што пишуваат на социјалните мрежи, тие лежеле на подот и чекале полицијата да ги евакуира.
Шведската полиција соопшти дека убиените се пронајдени во зградата на училиштето и дека се работи на идентификување на жртвите.