Руското Министерство за одбрана потврди дека против Украина е употребено високопрецизно оружје со долг дострел од копно и море, вклучувајќи ја и ракетата „орешник“, како одговор на наводниот напад на резиденцијата на Путин во Новгород
Најмалку четири лица загинаа, а десетици се повредени во руски ракетни напади врз неколку украински градови во текот на ноќта, вклучувајќи ги Киев, Лавов и Kриви Рог. Во нападите е оштетена и критична инфраструктура, а делови од земјата се оставени без електрична енергија и вода.

„Најмалку четири лица се убиени, а 19 се повредени во украинската престолнина Киев, по руски напад во текот на ноќта. Меѓу загинатите е еден лекар, а четворица медицински работници се повредени“,
изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Според наводите на Кличко, како последица на нападите, во некои делови од Киев нема доток на вода и струја, а некои станбени згради се оштетени откако остатоци од дронови предизвикале пожар.
Според извештаите на украинските воздухопловни сили, Русија во текот на ноќта со балистичка ракета која се движела со брзина од 13 000 километри на час го нападнала и западниот украински град Лавов. Градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, изјави дека се слушнале низа експлозии откако во градот се огласила сирена за воздушен напад. Рече дека нападот погодил критична инфраструктура и дека службите за итни случаи се на терен.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана потврди дека против Украина е употребено високопрецизно оружје со долг дострел од копно и море, вклучувајќи ја и ракетата „орешник“, како одговор на наводниот напад врз резиденцијата на рускиот претседател во Новгород.
Според прелиминарните информации, во ракетниот напад врз Криви Рог се повредени 14 лица, меѓу кои и две деца. Десетина станбени згради и инфраструктура се оштетени, а градот ја прекина струјата во неколку области.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вчерашното вечерно обраќање рече дека станува збор за уште еден масовен руски напад, обвинувајќи ги Русите дека воопшто не се промениле.
