Најмалку четири лица загинаа во снежната бура во Шпанија, а сообраќајот е парализиран во некои делови на земјата. Војската и спасувачките служби извлекоа 1 500 луѓе од автомобилите што останаа завеани на патиштата.
Маж и жена се удавија во река кога автомобилот им потонал во надојдената вода во близина на Малага, додека на истокот од земјата бездомник почина од смрзнување. Четвртата жртва е пронајдена во Мадрид, под големо количество снег.

Министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, ги повика граѓаните да не ги напуштаат своите домови без потреба.
„Се соочуваме со најсилното невреме во последните 50 години“,
рече тој.
Снегот парализира повеќе од 650 патишта, а некои возачи се завеани во автомобилите. Училиштата и универзитетите во Мадрид ќе бидат затворени до среда, а аеродромот не е отворен од синоќа. Најмалку 50 летови се откажани. Одложени се и фудбалските натпревари, вклучувајќи го и денешното дерби Примера Атлетико Мадрид – Атлетик Билбао. Мадрид е погоден од најсилната снежна бура од 1971 година, соопшти метеоролошката агенција.