Три дена по катастрофата, останува нејасно дали некој од жителите добил предупредување пред пожарот да ги зафати нивните домови. На островот има сирени за итни случаи наменети за предупредување за природни катастрофи и други закани, но се чини дека тие не се вклучиле
Според новиот извештај објавен денеска, најмалку 80 луѓе загинале во шумските пожари што го опустошија американскиот остров Мауи, каде што е отворена истрага за справувањето со кризата од страна на владата, што е доведено во прашање од страна на локалните жители.
Досега во итни прифатни центри се сместени 1 418 лица. Во поранешниот главен град на поранешното Кралство Хаваи, Лахаина, исцрпените жители почнале да се враќаат полни со прашања, бидејќи нивниот град е речиси целосно уништен.
„А каде е владата? Каде се тие?“,
прашал човек кој не сакал да го открие своето име.
Три дена по катастрофата, останува нејасно дали некој од жителите добил предупредување пред пожарот да ги зафати нивните домови. На островот има сирени за итни случаи наменети за предупредување за природни катастрофи и други закани, но се чини дека тие не се вклучиле. Не се знае ниту точно какви известувања биле испратени и дали воопшто биле испратени преку СМС-пораки, мејлови или телефонски повици.
За време на пожарот неколку пати снемало струја, а бројот 911 за итни случаи во некои делови на островот воопшто не работел.
И покрај сето горенаведено, портпаролот на агенцијата одговорна за управување со кризи за Си-ен-ен изјавил дека предупредувачките пораки се емитуваат преку мобилните телефони на жителите и електронските медиуми.
Повеќе мртви отколку во цунамито во 1960 година
Поради бројот на истовремени пожари, пожарникарите не можеле да стигнат насекаде, па многу жители на Лахаина едноставно биле принудени да скокнат во морето за да избегаат од пламените јазици, соопшти крајбрежната стража.
Поради бројни нејаснотии, јавната обвинителка на оваа пацифичка американска држава, Ен Лопез, отвори истрага за „да се разберат одлуките донесени од властите пред и за време на пожарот“, а ревизијата ќе биде јавно објавена.
Бројот на загинати го надминува бројот на загинати во цунамито во 1960 година, кога на Хаваите загинаа 61 лице.
Шерифот на округот, Џон Пелетиер, во четвртокот изјави дека може да има околу 1 000 исчезнати, но тоа не значи дека сите загинале или се сметаат за официјално исчезнати.
Некои жители се плашат од разбојници
Меѓу преживеаните е и Ентони Ла Пуенте (44), кој во Лахаина нашол само врела пепел и тимпан, музички инструмент кој за чудо не изгорел, на местото каде што некогаш му бил домот.
„Тешко е да дојдеш овде и да не ги најдеш работите со кои сте пораснале, работите што ги паметите. Боли“,
изјавил Ла Пуенте, кој живеел во сега веќе непостоечката куќа 16 години.
Дури и оние чии домови не ги зафатил пожарот се предупредени на можна опасност по здравјето бидејќи делумно е оштетена водоводната мрежа. Некои жители се плашат од разбојници.
Локалните власти дозволуваат само оние што можат да докажат дека биле таму пред несреќата да се вратат во Лахаина, а најавен е и полициски час.
Пожарникарите сѐ уште го гаснат пожарот
Шумскиот пожар што избувна во четвртокот беше поттикнат од силните ветрови, а уште повеќе е зголемена јачината на ураганот Доре, кој моментално минува низ Тихиот Океан.
Соочени со брзината на пламените јазици, преживеаните од Лахаина морале да побегнат без да гледнат назад.
„Пожарот беше интензивен како пекол“,
изјави Екол Брајден Хоапили за АФП, вознемирен затоа што морал „да остави многу луѓе зад себе“.
Пожарникарите и денеска продолжуваат со локализирање на пожарот.