Демонстрантите извикуваат слогани против врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кого го сметаат за одговорен за состојбата во земјата, додека дел од толпата отворено бара враќање на поранешниот престолонаследник Реза Пахлеви, син на соборениот шах
Најмалку 48 демонстранти и 14 припадници на безбедносните сили се убиени од почетокот на антивладините протести во Иран, соопшти американската новинска агенција „Активисти за човекови права“, пренесува Би-би-си.

Невладината организација „Иран човекови права“ со седиште во Норвешка, пак, изброи најмалку 51 убиен демонстрант, вклучувајќи девет деца.
Се смета и дека за време на протестите се уапсени најмалку 2 300 лица.
На повеќето меѓународни новински организации, вклучително и на Би-би-си, им е забрането да известуваат во Иран.
Интернетот е речиси целосно исклучен од вчера навечер.
Иранските власти досега ја потврдија смртта на шест припадници на безбедносните сили.
Протестите избувнаа поради ненадејното слабеење на иранскиот риал и тешката економска состојба, но брзо се претворија во отворени судири со полицијата.
Демонстрантите извикуваат слогани против врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кого го сметаат за одговорен за состојбата во земјата, додека дел од толпата отворено бара враќање на поранешниот престолонаследник Реза Пахлеви, син на соборениот шах.
Пахлеви, пак, јавно ги повика Иранците на масовни протести, а потоа го замоли американскиот претседател Доналд Трамп да биде „подготвен да интервенира“.
Сепак, иранските власти тврдат дека не станува збор за спонтано незадоволство, туку за координирана дестабилизација на државата.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран ги обвини САД и Израел дека стојат зад немирите, опишувајќи ги како обид за обоена револуција.
Обвинителот на Техеран, Али Салехи, предупреди дека бунтовниците кои ги напаѓаат државните институции би можеле да бидат осудени на смрт.
Прекинот на интернет дополнително ја влоши ситуацијата во земјата. Банкоматите не работат, дебитните картички се неупотребливи, а граѓаните во некои градови, како што е Шираз, масовно купуваат храна, плашејќи се од понатамошно влошување на ситуацијата.
