Голем дел од патниците биле млади лица кои оделе на плажа во областа Атика

Најмалку 47 лица, меѓу кои и десет деца, се повредени во судир на два автобуси во јужното атинско предградие Вула.
Како што пишуваат грчките медиуми, несреќата се случила, од засега непознати причини, во близина на автобуска станица. Автобусите на јавниот градски превоз се движеле еден зад друг, кога едниот удрил во тој пред него.
Голем дел од патниците биле млади лица кои оделе на плажа во областа Атика.
По несреќата настанал застој во сообраќајот.
Три од повредените лица се со посериозна состојба. Повредените деца се префрлени во детска болница во градот.
Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис, за грчката телевизија „Скај“ рече дека никој од повредените не е во животна опасност.
Службите за итни случаи реагирале со три мобилни медицински единици, осум амбулантни возила и две мотоциклистички единици.