Денеска Азербејџан соопшти дека почнал воени операции против ерменските сили во Нагорно-Карабах, по што со реакција и со повик за смирување на воените дејствија се јавија САД, претседателот на Советот на ЕУ, Турција и Русија

Бројот на загинати во Нагорно-Карабах е повеќе од дваесетина откако Азербејџан денеска почна воени операции против ерменските сили, што со децении наназад е спорна територија меѓу двете земји и причина за неколкуте воени судири, соопштија вечерва локалните власти.
Германската агенција ДПА пренесува објава на социјалните мрежи од Гегам Степанјан, омбудсман за права на локалната администрација, во која вели дека имало 25 жртви, од кои двајца биле цивили.
„Бројката доаѓа од мртовечницата во Степанакерт, најголемиот град во Нагорно-Карабах. Загинати се најмалку 25 лица, а повредени се стотина други. Меѓу настраданите има и цивили“,
вели тој.
According to the information received from the Stepanakert’s morgue by the Office of the Human Rights Defeder, as of 20:00, there are 25 victims as a result of the full-fledged terroristic attack by Azerbaijan, among whom 2 are civilians.
— Gegham Stepanyan #StopArtsakhBlockade (@Gegham_Artsakh) September 19, 2023
Aмериканскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека САД се длабоко загрижени поради воените дејствија на Азербејџан во Нагорно-Карабах и го повикуваат Баку веднаш да ги прекине.
„Овие акции ја влошуваат и онака лошата хуманитарна ситуација во Нагорно-Карабах и ги саботираат изгледите за мир. Повикуваме на итен прекин на вооружените дејствија и на дијалог со почит меѓу Баку и претставниците на народот на Нагорно-Карабах“,
рече Блинкен во пишана изјава.
Претходно денеска и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, рече дека Азербејџан треба веднаш да ја прекине својата воена операција во спорната енклава Нагорно-Карабах.
„Воените дејствија на Азербејџан треба веднаш да се прекинат за да се овозможи вистински дијалог меѓу Баку и Ерменците од Карабах“,
напиша Мишел на платформата „Икс“.
Devastating news coming from former Nagorno-Karabakh oblast today.
— Charles Michel (@CharlesMichel) September 19, 2023
Military actions of Azerbaijan must be immediately halted to allow for a genuine dialogue between Baku and Karabakh Armenians.
Турција, сојузник на Азербејџан, денеска ја оцени како легитимна „загриженоста“ на земјата што доведе до нејзината воена операција во Нагорно-Карабах, но ги повика и Азербејџан и Ерменија да се вратат на преговарачка маса.
„Азербејџан беше принуден да преземе мерки што смета дека се неопходни на сопствената суверена територија. Азербејџан има ‘легитимна загриженост’ за ситуацијата во Нагорно-Карабах по конфликтот кон крајот на 2020 година“,
се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Иако Турција ги осуди ерменските „провокации“, властите во Анкара повикаа на продолжување на преговарачкиот процес меѓу Азербејџан и Ерменија.
Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека операцијата „со помош на високопрецизно оружје“ почнала неколку часа по смртта на четворица војници и двајца цивили во експлозија на мина во Нагорно-Карабах.
Ерменија ги повика Советот за безбедност на ОН и Русија да преземат акција за прекин на воената операција што Азербејџан утринава ја почна во Нагорно-Карабах.
„Потребни се јасни и недвосмислени чекори за ставање крај на азербејџанската агресија“,.
се наведува во соопштението на ерменското Министерство за надворешни работи, објавено денеска од ерменските медиуми.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, во меѓувреме, свика итен состанок на Советот за национална безбедност поради ескалацијата на ситуацијата во спорниот регион, наведува германската агенција ДПА.
Советникот на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев – Хикмет Хаџиев, денеска изјави дека Азербејџан е блиску до остварување на главните цели од својата операција во Нагорно-Карабах, бидејќи некои од воените цели се неутрализирани, пренесува ТАСС.
Ерменската влада попладнево лиферуваше информација дека ерменскиот премиер Никол Пашинјан и американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарале за ситуацијата во Нагорно-Карабах и била наведена потребата од деескалација на тензиите.
Според Хикмет Хаџиев, лидерите на сепаратистичките сили во Нагорно-Карабах предложиле прекин на огнот и преговори со Баку.
Нагорно-Карабах и голем дел од околните територии се под ерменска контрола од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати овие територии во шестнеделната војна во 2020 година, која заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, а оттогаш таму се наоѓа и контингент руски мировници.
Азербејџан тврди дека по примирјето, Ерменија шверцува оружје во областа. Поради овие тврдења, блокиран е единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија, што предизвика недостиг на храна и лекови во тој регион.
Ереван го обвинува Баку, кој ги негира обвинувањата, дека предизвикал хуманитарна криза во Нагорно-Карабах со блокирање на „Коридорот Лачин“ од крајот на 2022 година, а ја обвинува и Русија дека не прави ништо.
Русија денеска апелира до Азербејџан и Ерменија да го „запрат крвопролевањето“ во Нагорно-Карабах и да се вратат на „мирно решение“ на ситуацијата во оваа енклава.