Спасувачките екипи работат на извлекување на десетици работници заробени на 300 и 350 метри под морското ниво

Во експлозијата што се случи синоќа во рудник во Амасра, крајбрежен град на Црното Море, во 18:15 часот по локално време загинаа најмалку 25 лица, а 11 лица од рудникот се сместени во болница, изјави турскиот министер за здравство, Фахретин Коча.
„Навистина се соочуваме со тажна слика“,
изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
Агенциите јавуваат дека спасувачките екипи работат на спасување на десетици работници заробени на 300 и 350 метри под морското ниво, а Сојлу рече дека во рудникот во моментот на експлозијата имало 110 работници.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер напиша: „Посакуваме загубата на животи да не биде поголема и нашите рудари да бидат спасени живи и здрави“.
На првите слики што ги објавија турските медиуми од влезот во рудникот се спасувачки и медицински екипи, како и членови на семејствата на затрупаните рудари.
„Според првите согледувања, станува збор за експлозија на гас“,
изјави турскиот министер за енергетика Фатих Донмез.