Синоќешниот двоен напад, како што наведуваат агенциите, е дел од пошироката израелска офанзива што ескалираше минатата недела во северниот дел од енклавата
Најмалку 24 лица се убиени во два одделни воздушни напади што израелската војска ги извршила ноќеска врз локации во Појасот Газа, јавуваат светските медиуми повикувајќи се медицински лица и претставници на цивилната одбрана во Појасот.

Меѓу местата што биле гаѓани, според информациите, е и училиштето „Фахми ал Џаргави“ во градот Газа, во кое биле сместени стотици раселени лица, бегалци од градот Беит Лахија на северот на Газа, кој е под интензивен напад на израелските сили.
Портпаролот на агенцијата за цивилна одбрана во Газа, управувана од Хамас, изјави дека 20 тела, меѓу кои и на деца биле, пронајдени во училиштето, од кои повеќето со тешки изгореници откако пожари зафатиле две училници што биле преадаптирани во живеалишта.
Израелската војска засега не излегла со коментар во врска со синоќешните напади.
Британскиот национален сервис Би-би-си пренесува изјава на жител кој живее во непосредна близина на училиштето, кој вели дека имало пламен насекаде и оти видел изгорени тела како лежат на земја.
„Мојот син се онесвести кога ја виде ужасната сцена“,
изјавило лицето именувано како Рами Рафик за Би-би-си.
Според локалните извештаи, меѓу загинатите во нападот е и Мохамед ал Касих, висок функционер на полицијата на Хамас во северна Газа. Покрај него, во нападот, како што се наведува, се убиени и неговата сопруга и децата.
Непосредно пред нападот на училиштето, во друг воздушен напад на израелските сили била погодена куќа во центарот на градот Газа. Според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, во овој напад загинале четири лица.
Синоќешниот двоен напад, како што наведуваат агенциите, е дел од пошироката израелска офанзива што ескалираше минатата недела во северниот дел од енклавата.
За потсетување, во петокот во израелски напад врз дом на палестинска докторка во Газа загинаа девет од нејзините 10 деца. Единаесетгодишниот син на д-р Ала ал Наџар беше повреден, заедно со нејзиниот сопруг, Хамди ал Наџар, кој е во критична состојба.
Деветте деца беа на возраст од само неколку месеци до 12 години, а израелската војска соопшти дека инцидентот е во фаза на разгледување.
Во меѓувреме, Црвениот крст соопшти дека двајца од неговите вработени биле убиени во напад врз нивниот дом во Кан Јунис во саботата.
Информирајќи за убиствата на двајцата свои вработени од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) соопштија дека случајот укажува на неподносливиот број на цивилни жртви во Газа и уште еднаш повикаа на прекин на огнот.
Истовремено меѓународните организации бараат Израел да го зголеми протокот на хуманитарна помош, откако Тел Авив воведе целосна блокада на Газа на 2 март, која траеше 11 недели, пред да дозволи ограничен влез на помош за Појасот.
Израелските власти вчера соопштија дека во саботата во Газа влегле 388 камиони со помош, но од Обединетите нации бараат таа да биде многу поголеми, односно дека во Појасот дневно треба да влегуваат од 500 до 600 камиони со хуманитарна помош.

Во меѓувреме, 20 земји и организации вчера се состанаа во главниот град на Шпанија, Мадрид за да разговараат за ставање крај на војната во Газа.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес повика на ембарго за оружје врз Израел доколку не ги запре нападите.
Израел започна воена кампања во Газа како одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1 200 луѓе, а 251 други беа земени како заложници.
Според Министерството за здравство на територијата, најмалку 53 939 луѓе, вклучувајќи околу 16 500 деца, досега се убиени во Газа.