Вкупниот број жртви од ураганот што ги погоди Јамајка, Доминиканска Република, Панама и Хаити досега изнесува најмалку 30 лица
Најмалку 20 лица, меѓу кои и 10 деца, загинаа, а уште десет се водат како исчезнати во силните поплави што го погодија јужниот дел на Хаити, предизвикани од ураганот Мелиса, соопштија локалните власти.

Службата за цивилна заштита на Хаити информира дека трае потрагата по исчезнатите жители откако река се излеала од коритото и однела неколку куќи.
Мелиса е најсилниот ураган кој ги погодил Карибите во последните 90 години.
Ураганот вчера помина низ Јамајка каде што остави пустош, а денеска ги зафати и бреговите на Куба, каде што според претседателот Мигел Дијас-Канел има значителни штети.
Вкупниот број на жртви во Јамајка, Доминиканска Република, Панама и Хаити досега изнесува најмалку 30 лица.
Претставници на Обединетите нации соопштија дека последиците од ураганот во Јамајка достигнуваат невидени размери, со огромни штети врз инфраструктурата, патиштата, телекомуникациската и енергетската мрежа.
„Првичните процени покажуваат дека повеќе од еден милион луѓе се погодени од ураганот“,
изјавија координаторите на ОН за регионот на Карибите.
