Нередите избувнале кога навивачите на домашниот тим, Арема ФК од градот Маланг во Источна Јава, револтирани што нивниот тим губи со 3:2, влегле на теренот за да го изразат својот гнев, по што силите на редот употребиле солзавец во обид да ја доведат ситуацијата под контрола. Но, интервенцијата предизвикала стампедо и метеж во кој луѓето паѓале и газеле едни врз други, гушејќи се
Најмалку 174 лица загинаа, а над 180 се повредени во стампедо на фудбалски натпревар во Индонезија, од кои повеќето биле прегазени до смрт, откако полицијата употребила солзавец за да ги разбие немирите кои настанале меѓу навивачите, јавуваат светските медиуми.

Станува збор за една од најголемите трагедии на спортски настан во светот.
Нередите избувнале кога навивачите на домашниот тим, Арема ФК од градот Маланг во Источна Јава, револтирани што нивниот тим губи со 3:2, влегле на теренот за да го изразат својот гнев, по што силите на редот употребиле солзавец во обид да ја доведат ситуацијата под контрола.
Но, интервенцијата предизвикала стампедо и метеж во кој луѓето паѓале и газеле едни врз други, гушејќи се.
Немирите се прошириле и надвор од стадионот каде биле запалени најмалку пет полициски возила. Полицијата одговорила со солзавец, вклучително и на трибините на стадионот што предизвикало паника меѓу луѓето. Инаку, ФИФА има забрането употреба на солзавец од силите за безбедност на стадионите.

„Избувна анархија. Почнаа да ги напаѓаат полицајците, а потоа удираа по автомобилите“,
изјавил за медиумите шефот на полицијата во провинцијата, Нико Афинта.
Емил Дардак, заменик-гувернер на Источна Јава за локалните медиуми изјавил дека бројот на загинати се искачил на 174 лица, додека повеќе од 100 повредени се пренесени во осум болници и се наоѓаат на интензивно лекување. Единаесет од нив биле во критична состојба.
Поради трагедијата фудбалскиот сојуз на Индонезија (ПССИ) ја суспендирал првата фудбалската лига на неодредено време, а на клубот Арема му е забрането да биде домаќин на фудбалски натпревари до крајот на сезоната.
Претседателот на Индонезија, Џоко Видодо денеска изрази длабоко сочувство за загинатите во телевизиските изјави.
„Длабоко жалам за оваа трагедија и се надевам дека ова е последна фудбалска трагедија во оваа земја. Не дозволувајте да се случи друга човечка трагедија како оваа во иднина“,
рекол Видодо, јавуваат агенциите.

Претседателот на земјата им наредил на министерот за млади и спорт, началникот на националната полиција и на претседателот на ПССИ да спроведат темелна евалуација на фудбалскиот натпревар во земјата и неговата безбедносна процедура.
Ферли Хидајат, началникот на локалната полиција на Маланг, рече дека на натпреварот во саботата имало околу 42.000 гледачи, од кои сите биле за Арема бидејќи организаторот им забранил на навивачите на Персебаја да влезат на стадионот во обид да се избегнат насилства.
Натпреварот во сабота е веќе меѓу најлошите вакви катастрофи во светот, вклучувајќи го и квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 1996 година помеѓу Гватемала и Костарика во Гватемала Сити, каде над 80 лица загинаа, а повеќе од 100 беа повредени. Во април 2001 година, повеќе од 40 луѓе беа згмечени до смрт за време на фудбалски натпревар во Елис Парк во Јоханесбург, Јужна Африка, пишува Радио Слободна Европа.