Некои од жителите на Газа изразуваат загриженост дека новата ескалација во војната меѓу Израел и Хамас, што започна во октомври 2023 година, се игнорира бидејќи целото внимание сега е насочено на конфликтот меѓу Израел и Иран
Најмалку 140 лица се убиени во израелски напади ширум Појасот Газа во последните 24 часа, соопштија денеска здравствените власти во енклавата, пренесуваат светските медиуми.

Според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на милитантите на Хамас, најмалку 40 лица од вкупниот број убиени во изминатото деноноќие биле убиени во текот на денешниот ден.
Меѓу убиените, како што се наведува, имало Палестинци кои чекале да добијат помош во храна, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според медицинските работниици, најмалку 21 лице било убиено во одделни воздушни напади врз нивните домови во бегалскиот камп Магази, населбата Зејтин и и во централниот и во северниот дел на градот Газа.
Во меѓувреме, уште пет лица се убиени во воздушен напад врз бегалскиот камп Кан Јунис, во Јужна Газа.
Други 14 лица, според здравствените власти, биле покосени од израелски оган врз толпа раселени Палестинци кои чекале камиони со помош на Обединетите нации во Централна Газа.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека ги истражуваат извештаите за смртта на луѓето кои чекаат помош во храна.
Што се однесува до другите напади, од ИДФ изјавија дека нивните сили „дејствуваат за уништување на воените капацитети на Хамас“ и дека преземаат мерки за ограничување на штетата врз цивилите.
Инаку, Министерството за здравство на Газа вчера соопшти дека 397 Палестинци кои се обидувале да добијат помош во храна биле убиени, а повеќе од 3 000 повредени откако израелските сили кон крајот на мај повторно дозволија контингенти со хуманитарна помош во храна да влегуваат во Појасот.
Некои од жителите на Газа изразуваат загриженост дека новата ескалација во војната меѓу Израел и Хамас, што започна во октомври 2023 година, се игнорира бидејќи целото внимание сега е насочено на конфликтот меѓу Израел и Иран.
„Нè колат во Газа, дење и ноќе, но вниманието се префрли на израелско-иранската војна. Деновиве има многу малку вести за Газа… Кој не умира од израелски бомби, умира од глад. Луѓето ги ризикуваат своите животи секој ден за да дојдат до храна“,
изјавила жителка на градот Газа за Ројтерс.
Според Министерството за здравство во Појасот, од октомври 2023 година, кога започна израелската воена кампања против Хамас во Газа, досега се убиени повеќе од 55 300 Палестинци, од кои повеќе од половина се жени и деца.
Израел ја започна офанзивата по нападот на Хамас на 7 октомври во кој беа убиени околу 1 200 луѓе, а 251 лице беше киднапирано. Според израелските податоци, 53 заложници сè уште се во Газа.