Напаѓачот, кој користел нож на расклопување, моментално е во притвор. Шерифот на округот Мајкл Шеа изјави дека, според сознанијата во моментот, станува збор за случаен напад
Најмалку единаесет лица беа избодени со нож во супермаркет „Волмарт“ во американскиот град Траверс Сити во државата Мичиген.

Според информациите од локалните власти, шест лица се во критична состојба, а нападот се случил во близина на касата.
Напаѓачот, кој користел нож на расклопување, во моментот е во притвор. Шерифот на округот Мајкл Шеа изјави дека, според сознанијата, станува збор за случаен напад.
„Единаесет се премногу, но фала му на Бога што немаше повеќе“,
рече Шеа.
Напаѓачот е американски државјанин од Мичиген и претходно ѝ бил непознат на полицијата. Тој бил уапсен во рок од три минути благодарение на брзата реакција на граѓаните.
„Благодарение на вклученоста на луѓето, спречена е поголема трагедија“,
рече шерифот.
Нападот се случил околу касите, а паниката брзо се проширила низ целата продавница. Тифани Дефел, која во тој момент била на паркингот на продавницата, го опишала хаосот:
„Беше навистина страшно. Сестра ми и јас бевме целосно во паника. Ова е нешто што го гледате во филмовите.“
Сите повредени се хоспитализирани и добиваат медицинска помош.
„Нашите мисли се со повредените и целата заедница додека се справуваат со овој брутален чин на насилство“,
напиша на Икс гувернерката на Мичиген Гречен Витмер.
„Волмарт“, исто така, издаде соопштение.
„Овој вид насилство е неприфатлив. Нашите мисли се со повредените и сме благодарни за брзата реакција на службите за итни случаи. Тесно соработуваме со властите“,
соопштија од супермаркетот.
Возраста на повредените сè уште не е официјално објавена.