Иран лансираше ракети кон централен и северен Израел откако израелската војска потврди дека извршила голем број напади врз иранските нуклеарни инфраструктурни објекти

Десет лица се загинати во ноќните ирански ракетни напади врз Израел, јави Би-би-си.
Полицијата соопшти дека шест лица се убиени во градот Бат Јам, јужно од Тел Авив, вклучувајќи две деца.
Четири лица загинаа и во нападите врз северниот град Тамра, според службите за итни случаи и локалната болница.
Седум лица се водат како исчезнати, а службите за итни случаи пребаруваат низ урнатините на уништените згради.

Втора ноќ по ред сирените се активираа низ Израел додека воздушната одбрана се обидуваше да пресретне ирански ракети.
Во Тамра на северот од земјата – град населен главно со палестински народ – куќа делумно се урна откако беше погодена.
„Многу тажно и тешко утро“, објави претседателот на Израел, Исак Херцог на Икс откако земјата помина ноќ со серија напади од Иран врз нејзините централни и северни региони.
„Криминалните ирански напади убија и повредија Евреи и Арапи, израелски граѓани и нови имигранти, вклучувајќи деца и стари лица, жени и мажи“,
вели Херцог.
Тој додаде: „Сочувствувам во големата жалост на семејствата и тагувам за ужасната загуба. Се молам за закрепнување на повредените и пронаоѓање на исчезнатите. Ќе тагуваме заедно. Ќе победиме заедно.“
Во Иран, пак, целите на Израел го вклучуваа и седиштето на Министерството за одбрана во Техеран и локации за кои Израел вели дека се поврзани со нуклеарната програма на земјата, вклучително и складиште за нафта.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан се заканува со посилен одговор ако Израел не се повлече.