Се работи за страшна трагедија затоа што најмногу се деца – 12 лица се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија, вели Заев во изјавата за државната агенција

Премиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи е заминат за Софија каде што синоќа се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку 45 лица, во изјава за МИА вели дека разговарал со еден од преживеаните кој го информирал дека се слушнала силна експлозија.
„Во контакт сум со премиерот Стефан Јанев, кој веќе ги посети луѓето. Имав можност да разговарам со еден од преживеаните. Тој објасни дека спиеле во автобусот кога се слушнала силна експлозија. Успеале да скршат еден од прозорците и да се спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеале. Се работи за страшна трагедија затоа што најмногу се деца – 12 лица се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија“,
изјави Заев.
Веројатно, како што рече, се враќале од екскурзија, но сепак деталите за ова дополнително ќе се утврдат.
„Сè уште не ги знаеме сите информации бидејќи сме насочени кон преживеаните, да видиме дали се добри, дали некој е во животна опасност. Ќе ги дознаеме првичните информации од бугарските служби, а потоа ќе се утврди кои биле дестинациите од кои се враќале, како и сите преостанати детали“,
вели Заев во изјавата за МИА.