Еден од факторите за корупција е и немањето доволно квалификуван кадар за спроведување на набавките. Од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави најновото истражување за јавните набавки во здравствениот сектор за периодот од 2015 до 2024 година. Според податоците, трошоците за јавни набавки за 10 години се зголемиле за два и пол пати, од 126 милиони евра во 2015 на над 315 милиони евра во 2024 година.

Овој пораст, според истражувањето, не е проследено со подобрување на здравствените услуги, туку напротив бројот на прегледи во 55 клиники и болници е намален за 14 отсто, а бројот на болнички денови за 24 отсто.
„Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност, односно тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува“,
се вели во истражувањето.
Растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години, бројот на специјалистички прегледи е намален за околу 700 000, односно за 19 отсто. Во гинекологијата, акушерството и трансфузионата медицина падот надминува 60 отсто.
Со оглед на тоа што сè уште не е воспоставен Националниот систем за материјално-финансиско работење во јавните здравствени установи, иако како законска обврска е предвидена уште од 2015 година, големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги упатуваат на висок ризик на злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи.
„Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со се помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач. Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност, бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот“,
пишува во извештајот.
Двегодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат.
За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен за 21 отсто, а вредноста договорите за 77 отсто.
Тендерите за вакцинација на населението се финансиски се поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости.
Трошоците за лекови со ретки болести во последната декада скокнале од 1,5 милион на 19 милиони евра, за што Државниот завод за ревизија (ДЗР) укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите.
Како што се вели во истражувањето, еден од факторите за корупција е и немањето доволно квалификуван кадар за спроведување на набавките.
„Од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки“,
се вели во истражувањето на ЦГК.
