Досегашниот шеф на скопското обвинителство, Сашо Рајчев, беше избран за виш обвинител. Еден од кандидатите кои не беа избрани за во Вишото обвинителство, а кој предизвика најмногу реакции, беше обвинителката Ленче Ристоска. На прашање дали евентуално ќе се кандидира за позицијата шеф на ОЈО Скопје, Ристоска кратко за МИА изјави дека не размислувала за ова прашање
Најдоцна за еден месец би требало да се распише оглас за нов шеф на Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје, откако досегашниот, Сашо Рајчев, во петокот беше избран за виш јавен обвинител.
Првично ќе се назначи вршител на должноста за местото да не биде испразнето, а потоа ќе си тече процедурата за избор, која вклучува пријавување на кандидати, нивно оценување, закажување седница за избор …
„Прво треба да назначиме в.д. шеф на ОЈО Скопје, за да не биде испразнето, да има раководител – шеф, сепак се работи за најголемото обвинителство. За објавувањето на огласот ќе треба да се направат консултации со членовите на Советот. Прва задача во моментов е да се назначи в.д. шеф. Треба да се направат консултации со лица кои што доаѓаат предвид да бидат назначени, зошто и ова ќе биде доста одговорна функција иако е за пократок временски период, најмногу до шест месеци може да се биде в.д“,
изјави за МИА претседателот на Советот, Ацо Колевски.
Изборот на в.д. шеф на ОЈО Скопје, според Колевски се врши по предлог на државниот јавен обвинител или член на Советот на јавните обвинители.
Досегашниот прв човек на скопското обвинителство, Сашо Рајчев е еден од петмината кои добија место за во Вишото јавно обвинителство – Скопје. На истиот оглас конкурираа вкупно 32 обвинители, меѓу кои и обвинителката Ленче Ристоска. Тоа што Ристоска не ја доби поддршката од членовите на Советот на јавни обвинители за да стане виша обвинителка предизвика најмногу реакции во јавноста, а ниту таа не го криеше своето разочарување во изјава за „360 степени“.
На прашање дали евентуално ќе се кандидира за позицијата шеф на ОЈО Скопје, Ристоска кратко за МИА изјави дека не размислувала за ова прашање.
*Поврзани вести:
- За виши обвинители се избрани Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми од СЈО, шефот на ОЈО Скопје…
- Ленче Ристоска го „спакува“ Мијалков и за возврат доби „казна“ од Советот на јавни обвинители
- Ленче Ристоска била добра обвинителка, но и млада за во Вишото обвинителство?!
- Маричиќ за обвинителката Ленче Ристоска: Ќе има и други огласи за обвинители, каде ќе може да се конкурира
