Генералниот директор на печатницата, Вангел Талевски, потврди дека печатењето е завршено во рекордно време, два дена пред зададениот рок

Државната изборна комисија (ДИК) денеска започна со дистрибуција на целокупниот доверлив изборен материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до сите општински изборни комисии (ОИК) во земјава, пред локалните избори кои ќе се одржат в недела.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека седумнаесет тимови на Комисијата, во соработка со обезбедувањето од Министерството за внатрешни работи (МВР), ја вршат непречената дистрибуција до сите 80 Општински изборни комисии и до Изборната комисија на Град Скопје.
„Согласно законските рокови и планот на ДИК, денеска се врши дистрибуција и примопредавање на целокупниот доверлив изборен материјал. Тој се состои од испечатени изводи на избирачките списоци, оригинални обрасци-записници и сите гласачки ливчиња“,
вели Кондарко.
Тој информира дека за целата држава се испечатени вкупно 4 613 438 гласачки ливчиња за градоначалници, советници, како и за градоначалник и Совет на Град Скопје.
Генералниот директор на печатницата, Вангел Талевски, потврди дека печатењето е завршено во рекордно време, два дена пред зададениот рок.
„Оваа година листите беа прилично долги. Најдолгото ливче е 500 милиметри или половина метар“,
информира Талевски.
Тој додаде дека гласачките ливчиња имаат двојна, видлива и невидлива, заштита.
Покрај ливчињата, во печатницата се испечатени 254 262 страници на избирачките списоци, 8 692 обрасци оригинални записници и 8 330 примероци на Брајово писмо.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, нагласи дека во Единствениот избирачки список запишани се 1 832 415 избирачи.
Иако во земјава се евидентирани 3 480 избирачки места, в недела ќе бидат отворени 3 474 избирачки места, бидејќи во шест избирачки места нема население, односно се евидентирани „нула гласачи“.