На презентацијата на овој систем беше објаснето дека кога ќе биде објавена фотографија од исчезнатото дете, прво медиумите ќе престанат да ги емитуваат своите програми во првите осум часа на секои 30 минути, а потоа мобилните оператори на своите корисници ќе им испратат порака за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи

Во Србија од денес официјално почна да работи системот „Најди ме“ кој итно ја алармира јавноста и ја започнува потрагата по исчезнатите деца, пренесуваат српските медиуми.
Системот наречен „Амбер алерт“ или „Фајнд ми“ се користи за итно известување на јавноста во случаи на исчезнати деца, а според директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца Игор Јуриќ, ова е прв ваков систем во регионот.
На презентацијата на овој систем беше објаснето дека кога ќе биде објавена фотографија од исчезнатото дете, прво медиумите ќе престанат да ги емитуваат своите програми во првите осум часа на секои 30 минути, а потоа мобилните оператори на своите корисници ќе им испратат порака за исчезнатото дете, заедно со линк до веб-страницата на Министерството за внатрешни работи.
Како што претходно беше најавено, полицијата ќе одлучува за активирање на системот врз основа на нивната проценка, кога ќе добие пријава, освен во случај кога ќе се активира автоматски – доколку исчезнато дете е во животна опасност, ако се работи за деца со посебни потреби до 18 години или помлади од седум години.
По прибирањето на основните податоци, дежурната полициска служба ги известува сите полициски службеници за започнување на потрага по исчезнатото дете и на електронската платформа ќе објави известување за неговото исчезнување.
Медиумите ќе ја прекинат редовната програма со објавување на слика од исчезнатото дете и релевантни информации, на пример за местото каде последен пат е видено.
Овие пораки ќе ги испраќаат и мобилните оператори, а пораките ќе ги пренесуваат и компаниите како „Патишта на Србија“, аеродромот „Никола Тесла“, како и автобуските и железничките станици.
Во втората фаза, кругот на ширење на информации би ги вклучил трговските центри и социјалните мрежи. Пријавите од граѓаните треба да се добиваат на полицискиот број 192, а откако ќе се најде детето сите пријави се бришат.
Системот го добил името по деветгодишното девојче од Тексас, Амбер Хагерман, кое било киднапирано и убиено.
Инаку, секоја година во Србија се пријавуваат исчезнати меѓу 1 300 и 1 500 деца.
Но, не во сите случаи станува збор за киднапирање, туку причините за исчезнувањето се различни, па во најголем број случаи се случува детето самоиницијативно да побегне од домот или установата каде што престојува.